Матеј
19 Откако го кажа сето тоа, Исус замина од Галилеја, го премина Јордан и дојде во подрачјето кое се граничи со Јудеја. 2 По него одеа многу луѓе, и тој ги излекува.
3 Тогаш кај него дојдоа фарисеите со цел да го искушаат, па го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена од која и да било причина?“ 4 Тој им одговори: „Зарем не сте читале дека во почетокот Бог создаде маж и жена 5 и рече: ’Затоа човекот ќе ги остави својот татко и својата мајка и ќе се приврзе кон* својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? 6 Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил,* човек да не разделува!“ 7 А тие му рекоа: „Тогаш, зошто Мојсеј одреди мажот да ѝ даде на својата жена потврда за развод и да се разведе од неа?“ 8 Тој им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од своите жени поради закоравеноста на вашето срце, но во почетокот не беше така. 9 Ви велам дека секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради сексуален неморал,* и ќе се ожени со друга, прави прељуба“.
10 Тогаш учениците му рекоа: „Ако е така, подобро е човек да не се жени“. 11 А тој им рече: „Не можат сите да живеат така, туку само оние што го имаат тој дар. 12 Некои не можат да се женат* бидејќи такви се родиле, други не можат да се женат бидејќи луѓето ги онеспособиле, а има и такви што одлучиле да не се женат заради Царството небесно. Кој може да живее така, нека живее така“.
13 Тогаш му доведуваа деца за да ги благослови* и да се помоли за нив, но учениците ги прекоруваа. 14 А Исус рече: „Оставете ги децата, и не спречувајте ги да доаѓаат кај мене, зашто на таквите им припаѓа Царството небесно“. 15 И откако ги благослови, си замина оттаму.
16 Тогаш кај него дојде еден човек и му рече: „Учителе, какво добро морам да направам за да добијам вечен живот?“ 17 А тој му рече: „Зошто ме прашуваш какво добро мораш да направиш? Само Бог е добар. Но ако сакаш да добиеш живот, држи ги заповедите“. 18 Човекот го праша: „Кои?“ Исус одговори: „Не убивај, не прави прељуба, не кради, не давај лажно сведоштво, 19 почитувај ги татко ти и мајка ти и сакај ги другите луѓе* како себеси“. 20 Тогаш младиот човек му рече: „Се држам за сето тоа. Што уште треба да правам?“ 21 Исус му одговори: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го својот имот и парите дај им ги на сиромашните, па ќе имаш богатство на небото. А потоа дојди и оди по мене“.* 22 Кога го слушна тоа, младиот човек си отиде натажен, зашто имаше голем имот. 23 А Исус им рече на своите ученици: „Вистина ви велам, на богатиот ќе му биде тешко да влезе во Царството небесно. 24 И пак ви велам, полесно е камила да помине низ увото на иглата* отколку богат човек да влезе во Божјето Царство“.
25 Кога учениците го слушнаа тоа, многу се зачудија и прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси?“ 26 Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е возможно“.
27 Тогаш Петар му рече: „Еве, ние оставивме сѐ и одиме по тебе. Што ќе добиеме за тоа?“ 28 Исус им рече: „Вистина ви велам, при обновувањето на сѐ, кога Синот човечки ќе седне на својот славен престол, вие што ме следевте ќе седнете на 12 престоли и ќе им судите на 12-те племиња на Израел. 29 И секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или ниви заради моето име, ќе добие 100 пати повеќе и ќе наследи вечен живот.
30 Но, многумина кои се први ќе бидат последни, а последните први.