Лука
23 Потоа сите станаа и го одведоа Исус кај Пилат. 2 И почнаа да го обвинуваат: „Овој човек го наведува нашиот народ против власта, забранува да му се плаќа данок на цезарот и вели за себе дека е Христос, царот“. 3 А Пилат го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Тој му одговори: „Ти самиот го велиш тоа“. 4 Тогаш Пилат им рече на главните свештеници и на народот: „Јас не наоѓам никаква вина кај овој човек“. 5 Но тие упорно велеа: „Со своето учење го поттикнува народот на бунт по цела Јудеја. Почна во Галилеја и стигна дури дотука“. 6 Кога го слушна тоа, Пилат праша дали тој е Галилеец. 7 Откако дозна дека е од подрачјето со кое владее Ирод, го испрати кај Ирод, кој во тие денови исто така беше во Ерусалим.
8 Кога го виде Исус, Ирод многу се израдува. Всушност, веќе подолго време сакаше да го види бидејќи беше слушнал многу работи за него, и се надеваше дека тој ќе направи некакво чудо пред него. 9 И му поставуваше многу прашања, но Исус ништо не му одговараше. 10 А главните свештеници и познавачите на Законот* стануваа еден по еден и жестоко го обвинуваа. 11 Тогаш Ирод заедно со своите војници почна да го понижува и да го исмејува, облекувајќи го во раскошна облека, па го испрати назад кај Пилат. 12 А Ирод и Пилат, кои претходно беа непријатели, во тој ден станаа пријатели.
13 Пилат тогаш ги свика главните свештеници, поглаварите и народот, 14 па им рече: „Ми го доведовте овој човек, обвинувајќи го дека го поттикнува народот на бунт. Еве, јас го испрашав пред вас, но не најдов никаква основа за обвиненијата што ги изнесовте против него. 15 А не најде ни Ирод, па затоа го прати назад кај нас. Тој човек не направил ништо со кое би заслужил смрт. 16 Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“. 17* —— 18 Но целиот народ извика: „Погуби го него! Пушти ни го Варава!“ 19 (Тој човек беше во затвор поради една побуна што избувна во градот и поради убиство.) 20 А Пилат повторно им се обрати, бидејќи сакаше да го ослободи Исус. 21 Но тие викаа: „Прикови го на столб! Прикови го на столб!“* 22 И им рече по третпат: „Зошто? Што лошо направил? Не најдов ништо кај него со кое би заслужил смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“. 23 А тие викаа колку што ги држеше гласот и бараа Исус да биде прикован на столб. И толку многу викаа што на крај Пилат попушти. 24 Тогаш одлучи да постапи според нивното барање. 25 Го пушти оној кого го бараа тие, човекот што беше во затвор поради бунт и убиство, а Исус им го предаде за да постапат со него како што сакаат.
26 Додека го водеа, фатија некојси Симон од Киринија, кој доаѓаше од полето, и му наредија да оди по Исус и да му го носи маченичкиот столб.* 27 По Исус одеа многу луѓе. Меѓу нив имаше и жени кои тажеа* и го оплакуваа. 28 А Исус се сврте кон жените и рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за мене. Плачете за себе и за своите деца. 29 Зашто, доаѓаат денови кога луѓето ќе велат: ’Среќни се неротките, оние што не раѓале и оние што не доеле!‘ 30 Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ’Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ’Покријте нѐ!‘ 31 Ако го прават ова додека дрвото е зелено, што ќе се случи кога ќе биде суво?“
32 А водеа и двајца злосторници за да бидат погубени со него. 33 Кога стигнаа на местото наречено Череп, ги приковаа на столб него и злосторниците, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна. 34 А Исус рече: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават“. И фрлија ждрепка за да ја разделат неговата облека. 35 Народот стоеше и гледаше. А поглаварите му се потсмеваа и велеа: „Другите ги спаси, па нека се спаси и себеси ако е навистина Божјиот Помазаник,* Избраникот!“ 36 Го исмејуваа и војниците. Му пријдоа, му понудија кисело вино 37 и му велеа: „Ако си цар на Евреите, спаси се себеси!“ 38 А над него имаше натпис: „Ова е царот на Евреите“.
39 А еден од злосторниците, кои беа приковани на столб, почна да го навредува: „Ако си Христос, спаси се себеси и нас!“ 40 Тогаш другиот го прекори: „Зарем немаш ни малку страв од Бог? И ти ја доби истата казна. 41 Ние со право сме казнети бидејќи го добивме тоа што го заслуживме, но овој човек не направил ништо лошо“. 42 Потоа рече: „Исусе, сети се на мене кога ќе станеш Цар“.* 43 А Исус му рече: „Вистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во рајот“.
44 Беше околу шестиот* час кога се спушти темнина по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот* час, 45 бидејќи ја снема сончевата светлина. А завесата на светилиштето се расцепи на половина. 46 И Исус извика со силен глас: „Татко, во твоите раце го доверувам својот живот!“* Штом го рече тоа, издивна. 47 Кога виде што се случи, воениот заповедник почна да го слави Бог, велејќи: „Овој човек навистина беше праведен“. 48 А кога сите луѓе што беа собрани таму видоа што се случи, се вратија дома тажејќи.* 49 А сите негови познаници, вклучувајќи ги и жените кои одеа по него од Галилеја, стоеја понастрана и го гледаа сето тоа.
50 Таму имаше еден член на Советот, по име Јосиф, кој беше добар и праведен човек. 51 (Тој не го поддржа нивниот заговор и не учествуваше во него.) Беше од јудејскиот град Ариматеја и го чекаше Божјето Царство. 52 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. 53 И го симна, го завитка во квалитетно ленено платно, па го положи во гробница издлабена во карпа. Во таа гробница уште никој не беше положен. 54 А беше денот на подготовка* и наскоро требаше да започне сабатот. 55 Жените, кои дојдоа со Исус од Галилеја, исто така отидоа таму и го видоа гробот и видоа каде беше положено неговото тело. 56 Потоа се вратија за да подготват мирисливи масла и други мириси. А на сабат не работеа ништо, како што е заповедано во Законот.