Лука
7 Откако му го кажа сето тоа на народот, влезе во Капернаум. 2 А еден воен заповедник имаше роб кого многу го сакаше, но тој роб беше тешко болен и беше на умирање. 3 Кога слушна за Исус, воениот заповедник испрати кај него некои еврејски старешини за да го замолат да дојде и да му го излекува робот. 4 Тие дојдоа кај Исус и сесрдно го замолија: „Заслужува да го направиш тоа за него, 5 зашто го сака нашиот народ и ни ја изгради синагогата“. 6 Тогаш Исус тргна со нив. А кога тој беше близу до куќата, воениот заповедник ги испрати своите пријатели да му речат: „Господине, не мачи се, зашто не сум достоен да дојдеш во мојата куќа. 7 Затоа не се сметав за достоен да дојдам кај тебе. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. 8 Зашто, и јас имам свои претпоставени, а имам и војници кои ми се потчинети, па на едниот му велам: ’Оди!‘, и тој оди, а на другиот: ’Дојди!‘, и тој доаѓа, а на својот роб: ’Направи го тоа!‘, и тој го прави“. 9 Кога го слушна тоа, Исус беше восхитен, па се сврте кон мноштвото луѓе кои одеа по него и рече: „Ви велам, дури ни во Израел не најдов толкава вера“. 10 Тогаш оние што беа испратени се вратија во куќата и го најдоа робот здрав.
11 Кратко потоа тргна кон еден град кој се вика Наин, а со него одеа неговите ученици и големо мноштво луѓе. 12 Кога се приближи до градската порта, виде како изнесуваат мртовец, син единец на една вдовица. А со неа имаше и многу народ од градот. 13 Кога ја здогледа, Господарот се сожали на неа и ѝ рече: „Не плачи“. 14 Потоа се приближи и ја допре носилката. Носачите застанаа, а тој рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ 15 Момчето седна и почна да зборува, а Исус го предаде на мајка му. 16 Тогаш сите се исполнија со стравопочит, па почнаа да го слават Бог со зборовите: „Голем пророк се појави меѓу нас“ и „Бог се сожали на својот народ“. 17 И веста за тоа што го направи се рашири по целата околина и по цела Јудеја.
18 А учениците на Јован му раскажаа на Јован за сето тоа. 19 Затоа тој повика двајца од нив и ги испрати кај Господарот да го прашаат: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“ 20 Кога дојдоа кај него, тие рекоа: „Јован Крстител нѐ испрати кај тебе да те прашаме: ’Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме друг?‘“ 21 А токму тогаш, Исус излекува многу болни, дури и од тешки болести, им подари вид на многумина слепи и истера зли духови од многумина. 22 Затоа им одговори: „Одете и кажете му на Јован што видовте и чувте: слепите гледаат, сакатите одат, лепрозните се очистени, глувите слушаат, мртвите стануваат и на сиромашните им се објавува добрата вест. 23 Среќен е оној што не се сомнева во мене“.*
24 Кога учениците на Јован си заминаа, Исус почна да му зборува на мноштвото за Јован: „Кога излеговте во пустината, што сакавте да видите? Трска што ја ниша ветрот? 25 Што сакавте да видите? Човек облечен во раскошна облека? Оние што носат убава облека и живеат во раскош се во царските дворци. 26 Тогаш, што сакавте да видите? Пророк? Да, ви велам, тој е и многу повеќе од пророк. 27 Тој е оној за кого е напишано: ’Еве, јас го праќам пред тебе* мојот гласник, кој ќе ти го подготви патот‘. 28 Ви велам, никој меѓу луѓето не е поголем од Јован, но и најмалиот во Божјето Царство е поголем од него“. 29 Кога го слушнаа тоа, даночниците и другите луѓе кои беа крстени со крштавањето на Јован, признаа дека Бог е праведен. 30 Но фарисеите и оние кои добро го познаваа Законот одбија да постапат во склад со Божјата волја со тоа што не сакаа Јован да ги крсти.
31 Исус понатаму рече: „Со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? Како кого се? 32 Тие се како деца што седат на пазар* и се довикуваат едни со други: ’Ви свиревме на флејта, но вие не игравте. Пеевме тажни песни, но вие не плачевте‘. 33 Зашто, дојде Јован Крстител, кој ниту јаде леб ниту пие вино, а вие велите: ’Во него има демон‘. 34 Дојде Синот човечки, кој јаде и пие, а вие велите: ’Гледај, ненаситник и пијаница, пријател на даночници и на грешници!‘ 35 Сепак, мудроста ја оправдуваат сите нејзини дела“.*
36 Еден фарисеј го молеше Исус да дојде кај него на гости. Затоа тој влезе во куќата на фарисејот и седна на масата. 37 А во тој град живееше една жена која беше позната како грешница. Кога дозна дека Исус е на гости кај фарисејот, дојде и донесе едно алабастерно шишенце со мирисливо масло. 38 Плачејќи, клекна покрај неговите нозе. Солзите ѝ капеа по неговите нозе, а таа ги бришеше со својата коса. И му ги бакнуваше нозете и на нив го излеа мирисливото масло. 39 Кога го виде тоа, фарисејот кој го беше поканил си помисли: „Да беше овој човек пророк, ќе знаеше која е и каква е оваа жена која го допира, ќе знаеше дека е грешница“. 40 Но Исус му рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам“. Тој одговори: „Кажи, Учителе!“
41 „Двајца луѓе му должеа пари на еден заемодавец. Едниот му должеше 500 денарии,* а другиот 50. 42 Но, бидејќи не можеа да го вратат долгот, тој спремно им прости и на двајцата. Што мислиш, кој од нив повеќе ќе го сака?“ 43 Симон одговори: „Веројатно оној кој имал поголем долг“. Исус му рече: „Во право си“. 44 Тогаш се сврте кон жената и му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога влегов во твојата куќа, ти не ми даде вода за да си ги измијам нозете. А таа ми ги облеа нозете со солзи и ги избриша со својата коса. 45 Ти не ме пречека со бакнеж, а таа, откако влегов, не престана да ми ги бакнува нозете. 46 Ти не ми излеа масло на главата, а таа ми излеа мирисливо масло на нозете. 47 Затоа ти велам, простени ѝ се гревовите, иако се многу,* бидејќи покажа многу љубов. А кому малку му е простено, малку љубов покажува“. 48 Потоа на жената ѝ рече: „Простени ти се гревовите“. 49 Тогаш оние што беа со него на масата почнаа да си велат еден на друг: „Кој е овој човек што дури и гревови простува?“ 50 А тој ѝ рече на жената: „Твојата вера те спаси. Оди си во мир“.