Лука
14 Еднаш во сабота,* кога дојде на јадење во куќата на еден фарисејски поглавар,+ внимателно го набљудуваа.+ 2 А пред него беше еден човек кој имаше водена болест. 3 Тогаш Исус ги праша закониците и фарисеите: „Дозволено ли е да се лекува во сабота или не е?“+ 4 А тие молчеа. Тогаш го допре човекот, го излекува и го отпушти. 5 А ним им рече: „Ако некому од вас му падне синот или бикот в бунар,+ нема ли веднаш да го извлече и во саботен ден?“+ 6 И не можеа да му одговорат на тоа.+
7 Кога виде како поканетите си ги избираат најдобрите места,+ им раскажа споредба: 8 „Кога ќе те покани некој на свадба, немој да го заземеш најдоброто место.+ Можеби е поканет и некој поугледен од тебе, 9 па оној што ве поканил и тебе и него, ќе дојде и ќе ти рече: ‚Отстапи му го местото на овој човек!‘ Тогаш посрамен ќе мораш да го заземеш најниското место.+ 10 Наместо тоа, кога некој ќе те покани, оди и заземи го* најниското место,+ па оној што те поканил, кога ќе дојде, да ти каже: ‚Пријателе, помести се погоре!‘ Тоа ќе ти биде на чест пред сите други гости.+ 11 Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“.+
12 Потоа на оној што го покани му рече: „Кога приредуваш ручек или вечера, немој да ги викаш своите пријатели, ниту своите браќа, ниту своите роднини, ниту богатите соседи. Можеби и тие некогаш ќе те поканат тебе и така ќе ти возвратат. 13 Наместо тоа, кога приредуваш гозба, покани ги сиромашните, сакатите, куците и слепите.+ 14 И ќе бидеш среќен, бидејќи тие немаат со што да ти возвратат. Ќе ти биде возвратено при воскресението+ на праведниците“.
15 Кога го чу тоа, еден од гостите му рече: „Среќен е оној што ќе јаде леб во царството Божје!“+
16 А Исус му рече: „Еден човек приреди голема вечера и покани мнозина.+ 17 Кога дојде време за вечерата, го испрати својот роб да им каже на поканетите: ‚Дојдете,+ зашто сѐ е веќе готово!‘ 18 А сите тие редум почнаа да се изговараат.+ Првиот му рече: ‚Купив нива и морам да одам да ја видам. Те молам, извини ме!‘+ 19 Другиот рече: ‚Купив пет чифта говеда и одам да ги испробам. Те молам, извини ме!‘+ 20 А третиот рече: ‚Штотуку се оженив+ и затоа не можам да дојдам‘. 21 И така робот се врати и му го јави тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на робот: ‚Излези бргу на плоштадите и на градските улици, па доведи ги ваму сиромашните, сакатите, слепите и куците!‘+ 22 По некое време, робот рече: ‚Господару, направено е она што го заповеда ти, но уште има место‘. 23 А господарот му рече на робот: ‚Излези по патиштата+ и меѓу плотовите и натерај ги луѓето да влезат, за да ми се наполни куќата!+ 24 Зашто, ви велам, никој од оние што беа поканети нема да вкуси од мојата вечера‘ “.+
25 А со него патуваа големо мноштво луѓе. Тој се заврте и им рече: 26 „Ако некој дојде кај мене, а повеќе ги сака* својот татко и својата мајка, жената и децата, браќата и сестрите, па дури и својот живот,*+ не може да биде мој ученик.+ 27 Кој не го носи својот маченички столб* и не оди по мене, не може да биде мој ученик.+ 28 Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот+ за да види дали има со што да ја доврши? 29 Инаку би можело да се случи да го постави темелот, а да не може да ја доврши изградбата, па сите што ќе го видат тоа би почнале да го исмеваат: 30 ‚Овој човек почна да гради, а не може да доврши‘. 31 Или кој цар, кога тргнува во војна против друг цар, најпрвин не седнува и не се советува дали може со десет илјади војници да му се спротивстави на оној што доаѓа против него со дваесет илјади?+ 32 Ако не може, додека оној уште е далеку, испраќа група пратеници и моли за мир.+ 33 Така, значи, кој од вас нема да остави сѐ што има,+ не може да биде мој ученик.
34 Солта е добра. Но, ако солта стане несолена, со што ќе се осоли?+ 35 Не е погодна ниту за земјата ниту за ѓубриво. Ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека слуша!“+