Матеј
27 Кога се раздени, сите главни свештеници и народни старешини се посоветуваа за тоа како да го убијат Исус. 2 Откако го врзаа, го одведоа и му го предадоа на управителот Пилат.
3 Кога виде дека Исус е осуден, Јуда, неговиот предавник, почувствува грижа на совест и им ги врати 30-те сребреници на главните свештеници и на старешините 4 и им рече: „Згрешив, предадов невин човек“.* А тие рекоа: „Што нѐ засега нас? Тоа си е твој проблем!“ 5 Тогаш ги фрли сребрениците во храмот и си замина оттаму, па се обеси. 6 Но главните свештеници ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не смееме да ги ставиме во храмската ризница, бидејќи се извалкани со крв“.* 7 И откако се посоветуваа, со нив ја купија грнчарската нива за на неа да се погребуваат странци. 8 Затоа таа нива до ден-денес се вика Крвна нива. 9 Тогаш се исполни она што беше кажано преку пророкот Еремија:* „И ги зедоа 30-те сребреници, цената што ја одредија за човекот. Толку вредеше тој во очите на Израелците. 10 И ги дадоа за грнчарската нива, како што ми заповеда Јехова“.
11 Исус беше одведен пред управителот, кој го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус одговори: „Ти самиот го велиш тоа“. 12 Но, додека главните свештеници и старешините го обвинуваа, тој ништо не одговараше. 13 Тогаш Пилат му рече: „Зарем не слушаш за што сѐ те обвинуваат?“ 14 Но тој не му одговори ништо, ниту еден збор, и затоа управителот многу се зачуди.
15 А управителот имаше обичај секоја година на Пасхата да ослободи по еден затвореник, оној кого народот ќе го побараше. 16 Токму тогаш во затвор беше еден озлогласен злосторник, кој се викаше Варава. 17 Кога народот се собра, Пилат ги праша: „Кого сакате да ви го ослободам, Варава или Исус кого го нарекуваат Христос?“ 18 Зашто, Пилат знаеше дека го предадоа од завист. 19 А додека тој седеше на судиската столица, неговата жена испрати луѓе да му кажат: „Не прави му ништо на тој праведен човек, зашто денес сонував страшен сон поради него и многу се вознемирив“. 20 Но главните свештеници и старешините го убедија народот да бара Варава да биде ослободен, а Исус погубен. 21 Тогаш управителот ги праша: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ Тие одговорија: „Варава!“ 22 А Пилат ги праша: „Тогаш што да правам со Исус кого го нарекуваат Христос?“ И сите рекоа: „Прикови го на столб!“* 23 Тој рече: „Зошто? Што лошо направил?“ А тие уште посилно викаа: „Прикови го на столб!“
24 Кога виде дека ништо не може да направи, туку дека настанува сѐ поголем хаос, Пилат зеде вода и си ги изми рацете пред народот, велејќи: „Јас не сум виновен за крвта на овој човек. Одговорноста е ваша“. 25 Тогаш целиот народ одговори: „Вината за неговата крв нека падне на нас и на нашите деца“. 26 Потоа им го ослободи Варава, а Исус го предаде да биде камшикуван и прикован на столб.
27 Потоа војниците на управителот го одведоа Исус во палатата на управителот и ја собраа околу него целата чета војници. 28 Го соблекоа, му наметнаа црвена наметка, 29 па исплетоа круна од трње и му ја ставија на главата, а во десната рака му ставија трска. И клекнуваа пред него и го исмејуваа: „Да живее царот на Евреите!“ 30 Го плукаа, па му ја зедоа трската и почнаа да го удираат по главата. 31 Откако престанаа да го исмејуваат, му ја симнаа наметката и му ја облекоа неговата облека, па го изнесоа за да го приковаат на столб.
32 Додека излегуваа, наидоа на еден човек од Киринија по име Симон и го натераа да му го носи маченичкиот столб.* 33 И дојдоа на едно место наречено Голгота, што значи „череп“. 34 Таму му дадоа на Исус да пие вино помешано со горчливи билки; но кога го проба, не сакаше да пие. 35 Кога го приковаа на столбот, фрлија ждрепка за да си ја разделат меѓу себе неговата облека. 36 И седеа таму и го чуваа. 37 А над главата му ставија натпис на кој пишуваше за што е обвинет: „Ова е Исус, царот на Евреите“.
38 Тогаш покрај него приковаа на столб двајца разбојници, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна. 39 А минувачите го навредуваа, одмавнуваа со главите 40 и велеа: „Ајде, ти што ќе го урнеше храмот и ќе го изградеше за три дена, спаси се себеси! Ако си син Божји, слези од столбот!“ 41 На сличен начин и главните свештеници и познавачите на Законот* и старешините почнаа да го исмејуваат: 42 „Спасуваше други, а себе не може да се спаси! Тој е цар на Израел; нека слезе сега од столбот, и ќе поверуваме во него. 43 Се надеваше на Бог, па сега Бог нека го спаси ако му е мил. Зашто рече: ’Јас сум Божји Син‘“. 44 Така го навредуваа дури и разбојниците што беа покрај него приковани на столб.
45 А во шестиот час* се спушти темнина по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот час.* 46 А околу деветтиот час, Исус гласно извика: „Ели, Ели, лама савахтани?“, односно: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ 47 Кога го слушнаа тоа, некои од оние што стоеја таму рекоа: „Овој го повикува Илија“. 48 И еден од нив веднаш отрча и зеде сунѓер, го натопи во кисело вино, па го стави на трска и му даде да пие. 49 Но другите рекоа: „Нека го! Да видиме дали ќе дојде Илија да го спаси“. 50 А Исус повторно извика со силен глас и издивна.*
51 Тогаш завесата на светилиштето се расцепи на два дела, од горе до долу, и земјата се затресе, а карпите се распукаа. 52 И гробовите се отворија, и од нив излегоа многу од телата на Божјите слуги што беа мртви, 53 и многу луѓе ги видоа. (По неговото воскресение, некои луѓе што беа на гробиштата дојдоа во светиот град.) 54 А кога го видоа земјотресот и она што се случуваше, воениот заповедник и оние што со него го чуваа Исус многу се уплашија, па рекоа: „Ова навистина беше Божји Син“.
55 Таму имаше и многу жени кои оддалеку го набљудуваа тоа. Тие го придружуваа Исус уште од Галилеја и му помагаа. 56 Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков и Јосиј, и мајката на синовите на Зеведеј.
57 А доцна попладнето дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој исто така беше ученик на Исус. 58 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. Тогаш Пилат заповеда да му го дадат. 59 Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто и квалитетно ленено платно 60 и го положи во својата нова гробница, која ја беше издлабил во карпа. Потоа дотркала еден голем камен на влезот од гробот и си замина. 61 Но Марија Магдалена и другата Марија останаа да седат пред гробот.
62 Утредента, по денот на подготовката,* главните свештеници и фарисеите се собраа пред Пилат 63 и му рекоа: „Господине, се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: ’По три дена ќе воскреснам‘. 64 Затоа заповедај да се чува гробот до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му речат на народот: ’Стана од мртвите!‘ Така, таа последна измама ќе биде полоша од првата“. 65 А Пилат им рече: „Еве ви стража. Одете и чувајте го како што мислите дека треба“. 66 Тогаш отидоа, го запечатија каменот на гробот и поставија стража.