Јован
19 Тогаш Пилат нареди да го одведат Исус и да го камшикуваат. 2 А војниците сплетоа круна од трње, му ја ставија на главата и го облекоа во пурпурна облека. 3 Па му приоѓаа и му велеа: „Да живее царот на Евреите!“ И му удираа шлаканици. 4 А Пилат повторно излезе и им рече: „Еве, го изведувам пред вас за да знаете дека не наоѓам никаква вина кај него“. 5 Тогаш Исус излезе облечен во пурпурната облека и со круната од трње на главата. А Пилат им рече: „Еве го човекот!“ 6 Кога главните свештеници и стражарите го видоа, викнаа: „Прикови го на столб! Прикови го на столб!“* А Пилат им рече: „Земете го и вие приковете го на столб, зашто јас не наоѓам никаква вина кај него“. 7 Тогаш Евреите му одговорија: „Ние имаме закон, и според законот тој треба да умре, бидејќи тврдеше дека е Божји син“.
8 Кога Пилат слушна што рекоа, уште повеќе се уплаши, 9 па се врати во палатата и го праша Исус: „Од каде си ти?“ Но Исус не му одговори. 10 Тогаш Пилат му рече: „Зар мене не сакаш да ми одговориш? Не знаеш ли дека имам власт да те ослободам и имам власт да те приковам на столб?“ 11 Исус му одговори: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора. Затоа оној што ме предаде на тебе има поголем грев“.
12 Поради ова, Пилат бараше начин да го ослободи. Но Евреите викаа: „Ако го ослободиш него, не си му пријател на цезарот. Секој што се прави цар, му се противи на цезарот“. 13 Кога ги слушна тие зборови, Пилат го изведе Исус и седна на судиската столица на местото наречено Камен плочник, а на хебрејски Гавата. 14 А беше денот на подготовка* за Пасхата, околу шестиот час.* И им рече на Евреите: „Еве го вашиот цар!“ 15 Но тие почнаа да викаат: „Погуби го! Погуби го! Прикови го на столб!“ Тогаш Пилат им рече: „Зар вашиот цар да го приковам на столб?“ А главните свештеници одговорија: „Ние немаме друг цар освен цезарот!“ 16 Тогаш им го предаде за да биде прикован на столб.
И тие го одведоа Исус. 17 Носејќи го својот маченички столб,* тој дојде на местото наречено Череп, кое на хебрејски се вика Голгота. 18 Таму го приковаа на столбот. Покрај него приковаа уште двајца, еден од едната, друг од другата страна, а Исус беше во средината. 19 Пилат напиша и натпис и го стави на маченичкиот столб. Беше напишано: „Исус Назареќанецот, царот на Евреите“. 20 Бидејќи Исус беше прикован на столб близу до градот, многу Евреи го прочитаа овој натпис. А беше напишан на хебрејски, латински и грчки. 21 Но еврејските главни свештеници му рекоа на Пилат: „Не пишувај: ’Цар на Евреите‘, туку напиши дека тој рече: ’Јас сум царот на Евреите‘“. 22 А Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“
23 А кога војниците го приковаа Исус на столбот, ја зедоа неговата наметка и ја разделија на четири дела, на секој војник по еден дел. А ја зедоа и облеката, која немаше ниеден раб, туку беше исткаена во едно парче. 24 Затоа си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме ждрепка за да одлучиме чија ќе биде“. Така се исполнија зборовите од Писмото: „Мојата облека ја разделија меѓу себе и за моите алишта фрлија ждрепка“. Војниците токму така и направија.
25 Кај столбот на Исус стоеја мајка му и сестрата на мајка му, а исто и Марија, жената на Клопа, и Марија Магдалена. 26 Кога Исус ја виде својата мајка и покрај неа ученикот кого посебно го сакаше, ѝ рече на мајка си: „Отсега тој ќе ти биде син!“ 27 Потоа му рече на ученикот: „Отсега таа ќе ти биде мајка!“ И тогаш ученикот ја зеде да живее кај него.
28 По ова, бидејќи знаеше дека веќе сѐ е довршено, Исус рече: „Жеден сум“, и така се исполнија зборовите од Писмото. 29 А таму имаше сад полн со кисело вино. Затоа натопија сунѓер во тоа вино и го закачија на една прачка од исоп,* па му го принесоа до устата. 30 А кога проба од киселото вино, Исус рече: „Довршено е!“ И наведнувајќи ја главата, издивна.*
31 А бидејќи беше денот на подготовка, Евреите не сакаа да ги остават телата на столбовите на сабат (зашто тој ден беше голем сабат). Затоа го замолија Пилат да им бидат скршени нозете на оние што беа на столбовите и да бидат симнати нивните тела. 32 И војниците дојдоа и им ги скршија нозете на двајцата кои беа приковани на столб покрај Исус. 33 Но кога дојдоа до него, видоа дека веќе е мртов, па не му ги скршија нозете. 34 Еден од војниците го прободе со копје во слабината, и веднаш потече крв и вода. 35 За тоа сведочи оној што го виде тоа, и неговото сведоштво е вистинито. Тој знае дека ја зборува вистината, и го кажува тоа за да верувате и вие. 36 Всушност, тоа се случи за да се исполнат зборовите од Писмото: „Ниту една коска нема да му биде скршена“. 37 А на друго место во Писмото стои: „Ќе гледаат во оној што го прободоа“.
38 Потоа Јосиф од Ариматеја го замоли Пилат да му дозволи да го земе телото на Исус. Јосиф беше ученик на Исус, но го криеше тоа бидејќи се плашеше од Евреите. Пилат му дозволи, па тој дојде и го зеде телото. 39 А дојде и Никодим, човекот кој претходно беше дошол кај Исус ноќе, и донесе околу 100 либри* мешавина од смирна и алое. 40 И го зедоа телото на Исус и го завиткаа во ленено платно со мирисливата мешавина, според еврејскиот обичај за погреб. 41 На местото каде што беше прикован на столб имаше градина, а во градината имаше нова гробница, во која уште никој не беше положен. 42 Поради тоа што за Евреите беше денот на подготовка, а гробницата беше близу, го положија Исус во неа.