Јован
8 12 Тогаш Исус повторно им се обрати: „Јас сум светлината на светот. Кој оди по мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот“. 13 А фарисеите му рекоа: „Ти сведочиш сам за себе, затоа твоето сведоштво не е вистинито“. 14 Исус им одговори: „Дури и да сведочам сам за себе, моето сведоштво е вистинито, бидејќи знам од каде дојдов и каде одам. Но вие не знаете од каде дојдов и каде одам. 15 Вие судите според човечки мерила, а јас никому не му судам. 16 Дури и да судам, мојот суд е праведен, зашто не судам сам, туку со Таткото кој ме испрати. 17 Освен тоа, во вашиот Закон пишува дека сведоштвото е веродостојно ако има двајца сведоци. 18 Јас сведочам за себе, а и Таткото кој ме испрати сведочи за мене“. 19 Тогаш го прашаа: „Каде е твојот Татко?“ Исус одговори: „Вие не ме познавате ниту мене ниту мојот Татко. Да ме познававте мене, ќе го познававте и мојот Татко“. 20 Тоа го кажа додека го поучуваше народот во делот од храмот каде што се собираа прилози. Но никој не го фати, зашто уште не беше дошло неговото време.
21 И пак им рече: „Јас си заминувам, и вие ќе ме барате, но ќе умрете во својот грев. Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете“. 22 Тогаш Евреите рекоа: „Да не сака да се убие? Зашто вели: ’Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете‘?“ 23 А тој им рече: „Вие сте од земјата, а јас сум од небото. Вие сте од овој свет, а јас не сум од овој свет. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови. Зашто, ако не верувате дека сум оној што велам дека сум, ќе умрете во своите гревови“. 25 Тогаш го прашаа: „Кој си ти?“ Исус им одговори: „Зошто, воопшто, зборувам со вас? 26 Имам многу да кажам за вас и многу работи за кои треба да судам. Всушност, јас му го кажувам на светот она што го чув од оној што ме испрати, а тој секогаш ја зборува вистината“. 27 Но тие не сфатија дека им зборува за Таткото. 28 Потоа Исус рече: „Кога ќе го подигнете Синот човечки на столб, тогаш ќе знаете дека јас сум оној што велам дека сум и дека ништо не правам сам од себе, туку го зборувам она за кое ме научи Таткото. 29 Оној што ме испрати е со мене. Не ме остави сам, бидејќи јас секогаш го правам она што нему му е по волја“. 30 Додека го зборуваше ова, многу луѓе поверуваа во него.
31 Тогаш Исус им рече на Евреите кои поверуваа во него: „Ако се држите за моите зборови, навистина сте мои ученици, 32 и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“. 33 А тие му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш не сме биле нечии робови. Како тоа велиш: ’Ќе бидете ослободени‘?“ 34 Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, секој што прави грев, роб му е на гревот. 35 Робот не останува во куќата засекогаш, но синот останува засекогаш. 36 Затоа, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни. 37 Знам дека сте потомци на Авраам. Но вие сакате да ме убиете, бидејќи не го прифаќате моето учење. 38 Јас го зборувам она што го видов додека бев кај мојот Татко, а вие го правите она што сте го чуле од вашиот татко“. 39 Тие му одговорија: „Наш татко е Авраам“. Исус им рече: „Да бевте деца на Авраам, ќе го правевте она што Авраам го правеше. 40 А сега сакате да ме убиете мене, човек што ви ја кажува вистината која ја слушна од Бог. Авраам никогаш не би направил такво нешто. 41 Вие постапувате како вашиот татко“. А тие му рекоа: „Ние не сме вонбрачни деца,* имаме само еден Татко, Бог“.
42 Тогаш Исус им рече: „Да беше Бог ваш Татко, ќе ме сакавте, бидејќи Бог ме испрати и сега сум овде. Не дојдов сам од себе, туку тој ме испрати. 43 Зошто не го разбирате она што го зборувам? Затоа што не сакате да ги слушате моите зборови. 44 Вашиот татко е Ѓаволот, и вие сакате да постапувате според желбите на својот татко. Тој е убиец уште од почетокот* и не остана во вистината, бидејќи во него нема вистина. Кога зборува лага, го зборува она што му е во срцето, зашто е лажливец и татко на лагата. 45 А јас ви ја кажувам вистината, и затоа не ми верувате. 46 Кој од вас може со право да ме обвини за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не ми верувате? 47 Оној што е од Бог, слуша што зборува Бог. А вие не слушате, бидејќи не сте од Бог“.
48 А Евреите му рекоа: „Зар не сме во право кога велиме дека си Самарјанин и дека во тебе има демон?“ 49 А Исус одговори: „Нема демон во мене, туку му укажувам чест на мојот Татко, а вие ме презирате. 50 Но јас не барам слава за себе. Некој друг сака да ме прослави и тој е оној што суди. 51 Вистина, вистина ви велам, ако некој се држи за моите зборови, никогаш нема да види смрт“. 52 А Евреите му рекоа: „Сега знаеме дека има демон во тебе. Авраам умре, а и пророците, а ти велиш: ’Ако некој се држи за моите зборови, никогаш нема да умре‘. 53 Да не си ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре? А и пророците умреа. Кој си мислиш дека си ти?“ 54 Исус им одговори: „Ако самиот себе се прославувам, мојата слава не би вредела ништо. Мојот Татко е тој што ме прославува, оној за кого вие велите дека е ваш Бог. 55 Вие не го познавате, но јас го познавам. Ако речам дека не го познавам, ќе бидам лажливец како вас. Но јас го познавам и се држам за неговата реч. 56 Вашиот татко Авраам со нетрпение очекуваше да го види мојот ден. И го виде и се израдува“. 57 Тогаш Евреите му рекоа: „Уште немаш ни 50 години. Како е можно да си го видел Авраам?“ 58 Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, јас постоев пред да се роди Авраам“. 59 Тогаш зедоа камења за да фрлаат по него, но Исус се скри и излезе од храмот.