Матеј
20 Царството небесно може да се спореди со човек, сопственик на лозје, кој излезе рано наутро за да најми работници за своето лозје. 2 Се договори со работниците да им плати по еден денариј на ден и ги испрати на лозјето. 3 Кога излезе повторно околу третиот час,* виде на пазарот други кои никој не ги најмил, 4 па им рече: ’Појдете и вие на лозјето, па ќе ви платам колку што треба‘. 5 Така тие отидоа. А тој повторно излезе околу шестиот* и деветтиот час* и го направи истото. 6 На крајот, излезе околу 11-тиот час* и најде други како стојат на пазарот, па им рече: ’Зошто стоите овде цел ден без работа?‘ 7 Тие му одговорија: ’Затоа што никој не нѐ најми‘. А тој им рече: ’Одете и вие на лозјето‘.
8 Вечерта, сопственикот му рече на оној што беше одговорен за лозјето: ’Викни ги работниците и плати им. Почни од последните, па заврши со првите‘. 9 Кога дојдоа оние кои почнаа да работат од 11-тиот час, секој доби по денариј. 10 А кога дојдоа првите, си помислија дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по денариј. 11 Откако ја примија платата, почнаа да се бунат против сопственикот на лозјето 12 и му рекоа: ’Овие последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, а ние цел ден напорно работевме на горештината‘. 13 А тој му одговори на еден од нив: ’Пријателе, јас со тебе не постапив неправедно. Ти се договори со мене за денариј, нели? 14 Земи го тоа што е твое и оди си. На последниов сакам да му дадам исто колку и тебе. 15 Немам ли право да правам што сакам со она што е мое? Или си завидлив* затоа што сум добар* кон нив?‘ 16 Така, последните ќе бидат први, а првите последни“.
17 Додека одеа кон Ерусалим, Исус ги тргна настрана 12-те ученици и им рече: 18 „Еве, одиме во Ерусалим, и Синот човечки ќе им биде предаден на главните свештеници и на познавачите на Законот.* Тие ќе го осудат на смрт 19 и ќе им го предадат на луѓе од другите народи за да го исмејуваат, да го камшикуваат и да го приковаат на столб, а на третиот ден тој ќе воскресне“.
20 Тогаш мајката на синовите на Зеведеј дојде кај Исус заедно со своите синови, му се поклони и сакаше да побара нешто од него. 21 А тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Таа му одговори: „Дозволи им на овие двајца мои синови да седнат до тебе кога ќе владееш во твоето Царство, едниот од твојата десна, а другиот од твојата лева страна“. 22 Тогаш Исус рече: „Не знаете што барате. Можете ли да пиете од чашата од која ќе пијам јас?“ Тие му одговорија: „Можеме“. 23 А тој им рече: „Навистина ќе пиете од мојата чаша, но кој ќе седи од мојата десна или лева страна, не одлучувам јас. Таму ќе седат оние кои мојот Татко ги избрал“.
24 Кога го слушнаа тоа, другите 10 ученици им се налутија на двајцата браќа. 25 Но Исус ги повика кај себе и им рече: „Знаете дека царевите владеат над народите и угледните луѓе ги држат народите под своја власт. 26 Меѓу вас не смее да биде така! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, 27 и кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде роб. 28 Така и Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“.
29 Кога излегуваа од Ерихон, по него тргна многу народ. 30 А покрај патот седеа двајца мажи кои беа слепи. Кога слушнаа дека Исус поминува, извикаа: „Господару, сожали се на нас, Сине Давидов!“ 31 Луѓето им велеа да замолчат, но тие уште посилно викаа: „Господару, сожали се на нас, Сине Давидов!“ 32 Тогаш Исус застана, ги викна и ги праша: „Што сакате да направам за вас?“ 33 Тие му одговорија: „Господару, нека ни се отворат очите“. 34 На Исус му падна жал и им ги допре очите, па веднаш прогледаа и тргнаа по него.