‚Донесувајте многу плод‘
„Да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици“ (ЈОВАН 15:8).
1. а) Кое барање за да се биде ученик им го спомнал Исус на своите апостоли? б) Кое прашање треба да си го поставиме?
БИЛО вечерта пред неговата смрт. Исус одвоил доволно време за да ги охрабри своите апостоли во интимен и отворен разговор. Веќе мора да минало полноќ, но Исус, поттикнат од љубов кон своите блиски пријатели, продолжил да зборува. Потоа, среде разговорот, ги потсетил на уште едно барање што требало да го исполнат за да останат негови ученици. Тој рекол: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици“ (Јован 15:8). Дали ние денес го исполнуваме ова барање за да бидеме ученици? Што значи тоа да ‚донесуваме многу плод‘? За да откриеме, ајде да се вратиме на разговорот што се водел таа вечер.
2. Која илустрација во врска со донесувањето плод ја раскажува Исус вечерта пред својата смрт?
2 Советот да донесуваме плод е дел од една илустрација што Исус им ја раскажал на своите апостоли. Тој рекол: „Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот. Секоја гранка на мене која не носи плод, тој ја отстранува, а секоја која носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод. Вие сте веќе чисти заради речта што ви ја зборував. Останете во обединетост со мене и јас во обединетост со вас. Како што гранката не може сама од себе да донесе плод ако не остане на лозата, така не можете ни вие ако не останете во обединетост со мене. Јас сум лозата, вие сте гранките . . . Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици. Како што Таткото ме љубеше мене и јас ве љубев вас, останете во мојата љубов. Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов“ (Јован 15:1—10).
3. Што мора да прават Исусовите следбеници за да донесуваат плод?
3 Во оваа илустрација Јехова е Лозарот, Исус е лозата, а апостолите на кои им се обратил Исус се гранките. Сѐ додека апостолите настојувале ‚да останат во обединетост‘ со Исус, ќе донесувале плод. Потоа Исус објаснил како можеле апостолите да успеат да го одржат ова многу важно единство: „Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов“. Подоцна апостол Јован ќе им напише слични зборови на своите сохристијани: „Оној кој ги држи [Христовите] заповеди останува во обединетост со него“a (1. Јованово 2:24; 3:24). Значи, со тоа што ги држат Христовите заповеди, неговите следбеници остануваат во обединетост со него, а таа обединетост, пак, им овозможува да донесуваат плод. Со што се карактеризираат плодовите што треба да ги донесуваме?
Место за раст
4. Што можеме да научиме од фактот што Јехова „ја отстранува“ секоја гранка што не донесува плод?
4 Во илустрацијата за лозата, Јехова „ја отстранува“, односно ја отсекува гранката кога таа не донесува плод. Што ни кажува ова? Ни кажува дека не само што од сите ученици се бара да донесуваат плод туку дека сите се и способни да донесуваат плод, без оглед на тоа какви се нивните околности или ограничувања. Впрочем, зарем не би било спротивно на Јеховините љубезни патишта да ‚отстрани‘, односно да дисквалификува некој Христов ученик затоа што не успеал да постигне нешто што ја надминувало неговата способност? (Псалм 103:14; Колошаните 3:23; 1. Јованово 5:3).
5. а) На кој начин Исусовата илустрација покажува дека можеме да напредуваме во донесувањето плод? б) Кои два вида плодови ќе ги разгледаме?
5 Исусовата илустрација за лозата исто така покажува дека во склоп на нашите околности, мораме да направиме место за пораст на нашите активности како ученици. Забележи како го кажува тоа Исус: „Секоја гранка на мене која не носи плод, тој ја отстранува, а секоја која носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод“ (Јован 15:2). Некаде при крајот на илустрацијата, Исус ги поттикнал своите следбеници да донесуваат „многу плод“ (стих 8). Каква порака ни се пренесува со ова? Како ученици, никогаш не треба да станеме самозадоволни (Откровение 3:14, 15, 19). Наместо тоа, треба да бараме начини да напредуваме во донесувањето плод. Каков плод треба да настојуваме да донесуваме во поголема мера? Постојат 1) ‚плодови на духот‘ и 2) плодови на Царството (Галатите 5:22, 23; Матеј 24:14).
Плодови на христијански особини
6. На кој начин Исус Христос ја нагласил вредноста на плодот на духот што е спомнат прв?
6 Првиот што е наброен во „плодовите на духот“ е љубовта. Божјиот свет дух создава љубов кај христијаните, бидејќи тие се послушни на заповедта што ја дал Исус кратко пред да ја каже илустрацијата за лозата што дава плод. Тој им рекол на своите апостоли: „Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34). Всушност, во текот на разговорот што го водел таа последна ноќ од својот живот на земјата, Исус секогаш одново ги потсетувал апостолите на потребата да ја покажуваат особината љубов (Јован 14:15, 21, 23, 24; 15:12, 13, 17).
7. На кој начин апостол Петар покажал дека донесувањето плод е поврзано со тоа да се покажуваат особини слични на Христовите?
7 Петар, кој бил присутен таа ноќ, сфатил дека вистинските ученици на Христос треба да покажуваат љубов како Христовата и особини поврзани со неа. Со години подоцна, Петар ги охрабрил христијаните да негуваат особини како што се самосовладување, братска наклоност и љубов. Додал дека таквото постапување нѐ спречува да бидеме „било неактивни било бесплодни“ (2. Петрово 1:5—8). Какви и да се нашите околности, ние можеме да ги покажуваме плодовите на духот. Затоа, да настојуваме да покажуваме љубов, љубезност, благост и други особини слични на Христовите во поцелосна мера, бидејќи ‚против таквите работи нема закон‘, односно граници (Галатите 5:23). Навистина, да бидеме решени да донесуваме „повеќе плод“.
Да се донесува плод на Царството
8. а) Каква е врската помеѓу плодовите на духот и плодовите на Царството? б) Кое прашање заслужува да го разгледаме?
8 Разнобојните и сочни плодови го красат растението. Меѓутоа, тие плодови не служат само за украс. Плодовите се многу важни и за растението да се размножува преку своето семе. На сличен начин, плодовите на духот служат и за нешто повеќе отколку само да ја красат нашата христијанска личност. Особините како што се љубовта и верата исто така нѐ мотивираат да ја шириме пораката за Царството, која е како семе, а се наоѓа во Божјата реч. Забележи како апостол Павле ја нагласува оваа многу важна врска. Тој вели: „И ние практикуваме вера [еден од плодовите на духот] и затоа зборуваме“ (2. Коринќаните 4:13). На овој начин, објаснува понатаму Павле, „му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните“ — вториот вид плод што треба да го покажуваме (Евреите 13:15). Има ли место во нашиот живот да бидеме поплодни, навистина да донесуваме „многу плод“ како објавители на Божјето царство?
9. Дали донесувањето плод е исто што и правење ученици? Објасни.
9 За да дадеме точен одговор, најнапред треба да разбереме од што се состојат плодовите на Царството. Дали би било исправно да заклучиме дека донесувањето плод значи да се прават ученици? (Матеј 28:19). Дали плодот што ќе го донесуваме првенствено се однесува на поединците на кои им помагаме да станат крстени обожаватели на Јехова? Не. Да беше така, ситуацијата ќе беше многу обесхрабрувачка за сите оние драги Сведоци што со години верно ја објавувале пораката за Царството во подрачја каде што нема голем одѕив. Всушност, ако плодот на Царството што го донесуваме го претставуваат само нови ученици, таквите трудољубиви Сведоци би биле како голите гранки од Исусовата илустрација! Се разбира, тоа не е случај. Тогаш, кои се првенствените плодови на Царството од нашата служба?
Плодни со ширење на семето на Царството
10. На кој начин Исусовата илустрација за сејачот и за различните видови почва покажува што се, а што не се, плодовите на Царството?
10 Исусовата илустрација за сејачот и за различните видови почва укажува на одговорот — охрабрувачки одговор за оние што сведочат на помалку плодни подрачја. Исус рекол дека семето е пораката за Царството што се наоѓа во Божјата реч и дека почвата го претставува фигуративното срце на човекот. Некое семе ‚паднало на добра земја и, откако из’ртело, донело плод‘ (Лука 8:8). Каков плод? Па, откако стебленцето жито ќе из’рти и ќе узрее, тоа не дава како плод мали стебленца жито туку ново семе. Слично на тоа, еден христијанин не мора да даде како плод нови ученици, туку ново семе на Царството.
11. Како можат да се дефинираат плодовите на Царството?
11 Според тоа, плодовите во овој случај не се ниту нови ученици ниту убави христијански особини. Бидејќи семето што се сее е речта за Царството, плодовите сигурно значат повеќекратно умножување на тоа семе. Донесувањето плодови во овој случај се однесува на давањето изјави за Царството (Матеј 24:14). Дали донесувањето такви плодови за Царството — објавување на добрата вест за Царството — е возможно за нас, без оглед на тоа какви се нашите околности? Да, возможно е! Во истата илустрација Исус објаснува зошто.
Да го даваме најдоброто за слава на Бог
12. Дали сите христијани можат да донесуваат плодови за Царството? Објасни.
12 „Она што е посеано на добра почва“, рекол Исус, „донесува плод и дава, едниот стократно, другиот шеесеткратно, другиот, пак, триесеткратно“ (Матеј 13:23). Зрното што е посеано на полето може да дава род во различна мера во зависност од околностите. Слично, она што можеме да го направиме во објавувањето на добрата вест може да се разликува во зависност од нашите околности, и Исус покажал дека го признава тоа. Некои можеби имаат повеќе прилики; други можеби имаат подобро здравје и повеќе енергија. Така, она што можеме да го направиме можеби е повеќе или, пак, помалку од она што го прават другите, но сѐ додека тоа е нашето најдобро, Јехова е задоволен (Галатите 6:4). Дури и ако напредната возраст или некоја истоштувачка болест го ограничува нашето учество во проповедничкото дело, нашиот сочувствителен Татко, Јехова, несомнено нѐ смета за такви што ‚донесуваат многу плод‘. Зошто? Затоа што му даваме ‚сѐ што имаме‘ — нашата служба со сета душаb (Марко 12:43, 44; Лука 10:27).
13. а) Која е главната причина ‚да одиме‘ и да донесуваме плодови на Царството? б) Што ќе ни помогне да донесуваме плод на подрачја каде што нема голем одѕив? (Види ја рамката на 21. страница.)
13 Сеедно до кој обем можеме да донесуваме плодови на Царството, ќе бидеме поттикнати ‚да одиме и да донесуваме плод‘ кога имаме на ум зошто го правиме тоа (Јован 15:16). Исус ја спомнал главната причина: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод“ (Јован 15:8). Да, нашата проповедничка активност го посветува Јеховиното име пред целото човештво (Псалм 109:30). Онер, верен Сведок во средината на своите 70-ти, забележува: „Дури и на подрачја каде што нема голем одѕив, предност е да се застапува Највишиот“. Кога Клаудио, кој е ревносен Сведок од 1974, бил запрашан зошто и понатаму проповеда иако се оѕвиваат само малку луѓе на неговото подрачје, го цитирал Јован 4:34, каде што ги читаме Исусовите зборови: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го завршам неговото дело“. Клаудио додал: „Исто како Исус, не сакам само да го почнам туку и да го довршам моето дело како објавител на Царството“ (Јован 17:4). Јеховините сведоци во целиот свет се согласуваат со ова. (Види ја рамката „Како да ‚донесуваш плод со истрајност‘“ на 21. страница.)
Да се проповеда и да се поучува
14. а) Која двојна цел ја имало делото на Јован Крстител и на Исус? б) Како би ја опишал христијанската активност денес?
14 Првиот објавител на Царството што е спомнат во евангелијата е Јован Крстител (Матеј 3:1, 2; Лука 3:18). Негова првенствена цел била „да даде сведоштво“ и тоа го правел со длабока вера и со надеж дека ‚луѓе од сите видови ќе поверуваат преку него‘ (Јован 1:6, 7). Всушност, некои на кои им проповедал Јован станале ученици на Христос (Јован 1:35—37). Значи, Јован не бил само проповедник туку правел и ученици. И Исус бил проповедник и учител (Матеј 4:23; 11:1). Затоа, не изненадува тоа што Исус им заповедал на своите следбеници не само да ја проповедаат пораката за Царството туку и да им помагаат на поединците што ја прифаќаат пораката да станат негови ученици (Матеј 28:19, 20). Значи, нашето дело денес е комбинација на проповедање и поучување.
15. Каква сличност постои помеѓу одѕивот на проповедничкото дело што се извршувало во првиот век н.е. и она што се извршува денес?
15 Од оние луѓе во првиот век н.е. што го чуле Павле како проповеда и поучува, ‚некои почнале да веруваат во она што беше речено; а други не верувале‘ (Дела 28:24). Денес, одѕивот е многу сличен. За жал, поголемиот дел од семето на Царството паѓа на неприемлива почва. И покрај тоа, некое семе сепак паѓа на добра почва, пушта корења и из’ртува, токму онака како што претскажал Исус. Всушност, годишно во целиот свет во просек над 5.000 луѓе стануваат вистински ученици на Христос секоја седмица! Овие нови ученици ‚веруваат во она што било речено‘, иако повеќето други луѓе не веруваат. Што помогнало нивното срце да биде приемливо за пораката на Царството? Честопати, личниот интерес што го покажале Сведоците — наводнувањето на новопосеаното семе, така да се каже — ги менува работите (1. Коринќаните 3:6). Да разгледаме само два од многуте примери.
Личниот интерес ги менува работите
16, 17. Зошто е важно да покажеме личен интерес за оние што ги сретнуваме во службата?
16 Каролин, млад Сведок од Белгија, била кај некоја постара жена што не покажала интерес за пораката на Царството. Бидејќи раката на жената била завиткана во завој, Каролин и нејзината придружничка ѝ понудиле помош, но жената одбила. По два дена, истите Сведоци повторно отишле кај жената и ја прашале како се чувствува. „Тоа ги смени работите“, рекла Каролин. „Беше зачудена кога виде дека бевме вистински заинтересирани за неа како личност. Нѐ покани внатре и започнавме библиска студија.“
17 Сенди, Сведок од Соединетите Држави, исто така покажува личен интерес за оние на кои им проповеда. Ги разгледува известувањата за родилките во еден локален весник и потоа оди кај новите родители со Моја книга со библиски приказни.c Бидејќи мајката обично е дома и горда е што може да им го покаже на посетителите своето бебе, честопати следи и разговор. „Разговарам со родителите за тоа колку е важно да се зближат со новороденчето на тој начин што ќе му читаат“, објаснува Сенди. „Потоа разговарам за предизвиците што ги носи подигањето дете во денешново општество.“ Неодамна, како резултат на една таква посета, една мајка и шест деца почнале да му служат на Јехова. Преземањето иницијатива и личниот интерес можат да водат до слични радосни резултати и во нашата служба.
18. а) Зошто барањето ‚да донесуваме многу плод‘ може да го исполни секој од нас? б) Кои три барања за да се биде ученик, кои се спомнати во евангелието по Јован, си решен да ги исполниш?
18 Колку само е охрабрувачко сознанието дека е возможно да го исполниме барањето ‚да донесуваме многу плод‘! Сеедно дали сме млади или стари, дали имаме добро или слабо здравје, дали проповедаме на приемливо или помалку приемливо подрачје, сите ние можеме да донесуваме многу плод. Како? Покажувајќи ги плодовите на духот во попотполна мера и ширејќи ја пораката за Божјето Царство најдобро што можеме во склад со нашите способности. Во исто време, настојуваме да ‚останеме во Исусовата реч‘ и да ‚имаме љубов меѓу себе‘. Да, со тоа што ќе ги исполнуваме овие три важни барања за да се биде ученик, кои се спомнати во евангелието по Јован, докажуваме дека ‚навистина сме Христови ученици‘ (Јован 8:31; 13:35).
[Фусноти]
a Иако гранките на лозата во илустрацијата се однесуваат на Исусовите апостоли и на други христијани што ќе имаат место во Божјето небесно Царство, оваа илустрација содржи вистини од кои можат да извлечат корист сите Христови следбеници денес (Јован 3:16; 10:16).
b Оние што се присилени да седат дома поради старост или болест можат да сведочат со писма или, каде што е дозволено, по телефон, или можеби можат да им ја пренесат добрата вест на оние што им доаѓаат во посета.
c Издадена од Јеховините сведоци.
Прашања за повторување
• Какви плодови треба да донесуваме во поголема мера?
• Зошто целта ‚да донесуваме многу плод‘ е достижна за нас?
• Кои три важни барања за да се биде ученик, кои се спомнати во евангелието по Јован, ги разгледавме?
[Рамка/слика на страница 21]
КАКО ДА ‚ДОНЕСУВАШ ПЛОД СО ИСТРАЈНОСТ‘
ШТО ти помага да продолжиш верно да ја проповедаш пораката за Царството на подрачја каде што нема голем одѕив? Еве некои корисни одговори на ова прашање.
„Сознанието дека имаме целосна поддршка од Исус влева оптимизам и истрајност, каква и да е реакцијата на подрачјето“ (Хари, 72 години; крстен во 1946).
„Секогаш ме охрабрува стихот од 2. Коринќаните 2:17. Таму се вели дека учествуваме во службата ‚пред Божји очи, во заедништво со Христос‘. Кога сум во служба, уживам во друштвото на моите најдобри пријатели“ (Клаудио, 43 години, крстен во 1974).
„Искрено, делото на проповедање за мене претставува лична борба. Сепак, ја искусувам вистинитоста на зборовите што се наоѓаат во Псалм 18:29: ‚Со мојот Бог прескокнувам преку ѕид‘“ (Герард, 79 години, крстен во 1955).
„Ако можам да прочитам само еден стих во службата, задоволен сум што нечие срце било испитано преку Библијата“ (Елинор, 26 години, крстена во 1989).
„Постојано се обидувам со различни пристапи. Има толку многу што нема да можам да ги употребам сите во преостанатите години од мојот живот“ (Пол, 79 години; крстен во 1940).
„Не ги сфаќам лично негативните реакции. Се обидувам да имам опуштен пристап, разговарајќи со луѓето и слушајќи го нивното гледиште“ (Даниел, 75 години, крстен во 1946).
„Сум сретнала новокрстени што ми рекле дека моето проповедничко дело одиграло улога во тоа да станат Сведоци. Без да знам, некој друг подоцна ја проучувал Библијата со нив и им помогнал да напредуваат. Ме радува сознанието дека нашата служба е тимска работа“ (Џоан, 66 години, крстена во 1954).
Што ти помага ‚да донесуваш плод со истрајност‘? (Лука 8:15).
[Слики на страница 20]
Со тоа што ги покажуваме плодовите на духот и ја објавуваме пораката за Царството, донесуваме многу плод
[Слика на страница 23]
Што мислел Исус кога им рекол на своите апостоли: ‚Донесувајте многу плод‘?