Поглавје 20
Многубројно големо мноштво
1. Откако објаснил како 144.000-те се обележани со печат, која друга група ја видел Јован?
ОТКАКО објаснува како 144.000-те се обележани со печат, Јован продолжува со описот на едно од највозбудливите откровенија во целата Библија. Срцето сигурно му игра од радост додека зборува за ова видение, кое го почнува со следниве зборови: „Потоа видов големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи, од сите народи и племиња и народности и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели долги облеки, со палмови гранки во рацете“ (Откровение 7:9). Да, задржувањето на четирите ветрови овозможува, освен 144.000-те членови на духовниот Израел, да биде спасена уште една група — едно повеќејазично, меѓународно големо мноштво (Откровение 7:1).
2. Какви објаснувања за големото мноштво дале некои световни толкувачи, и како дури и Истражувачите на Библијата гледале на оваа група во минатото?
2 Според некои световни толкувачи, членовите на ова големо мноштво се телесните не-Евреи кои биле преобратени во христијани, а според други тоа се христијански маченици што одат на небото. Дури и Истражувачите на Библијата во минатото сметаа дека големото мноштво е второстепена класа која исто така оди на небото. Во првиот том на Студии на Светото писмо, Божјиот план низ вековите (The Divine Plan of the Ages) од 1886 година, стоеше: „Тие ја губат наградата да седат на престоли и да бидат како Бог [во однос на славата, честа и бесмртноста], но на крајот сепак ќе бидат родени како духовни суштества од понизок ранг од оној на Бог. Иако му се заветувале на Бог, врз нив толку влијае духот на светот што пропуштаат да ја стават службата за Него на прво место во својот живот“. Дури и во 1930 година, во првиот том од книгата Светлина стоеше: „Оние што го сочинуваат ова големо мноштво пропуштаат да го прифатат повикот да станат ревносни сведоци за Господарот“. Тие беа опишани како лица што себеси се сметаат за праведни и ја знаат вистината, но не вложуваат некој посебен напор да ја проповедаат, па затоа ќе одат на небото како второстепена класа која нема да владее со Христос.
3. а) Каква надеж имале некои искрени лица кои подоцна почнале ревносно да проповедаат? б) Како била објаснета споредбата за овците и јарците во Стражарска кула од 1923 година?
3 Сепак, меѓу придружниците на помазаните христијани имаше и такви кои подоцна почнаа ревносно да проповедаат. Тие немаа желба да одат на небото. Всушност, нивната надеж беше во склад со насловот на јавното предавање што Јеховиниот народ имаше можност да го слуша од 1918 до 1922 година. Овој наслов во почетокот гласеше: „Светот заврши — милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“.a Наскоро потоа, во списанието Стражарска кула од 15 октомври 1923 година (англиски), беше дадено следното објаснување на споредбата за овците и јарците што ја кажал Исус во Матеј 25:31-46: „Овците ги претставуваат луѓето од народите кои не се родени со дух, но сепак ја сакаат праведноста, го признаваат Исус Христос како Господар и се надеваат да живеат во подобри услови под неговата влада“.
4. Како светлината во врска со земната класа блеснала посилно во 1931 година, во 1932 година и во 1934 година?
4 Неколку години подоцна, во 1931 година, во првиот том од книгата Оправдување (Vindication), беше разработено 9. поглавје од Езекиел, и беше покажано дека лицата што се обележани со знак на челото за да го преживеат крајот на светот и овците од гореспомената споредба се една иста група луѓе. Во 3. том од книгата Оправдување, кој излезе во 1932 година, беше опишан исправниот став на не-Израелецот Јонадав, кој се качил во колата на помазаниот израелски цар Јуј и тргнал со него да види со каква ревност Јуј ќе ги погуби припадниците на лажната религија (2. Царевите 10:15-17). Во книгата стоеше: „Јонадав ја претставува онаа група луѓе што живеат на Земјата сега — додека се извршува дело слично на она што го вршел Јуј [објавување на Јеховините пресуди] — луѓе кои ја прифаќаат пораката, кои не се вклопуваат во Сатановата организација и кои цврсто се држат за праведноста. Тоа се оние што Господарот ќе ги зачува во Армагедон, ќе им помогне да ја преживеат таа неволја и ќе им даде вечен живот на Земјата. Овие лица ја сочинуваат класата на ‚овците‘“. Во 1934 година, во Стражарска кула беше јасно кажано дека овие христијани што имаат надеж да живеат на Земјата треба да му се заветуваат на Јехова и да се крстат. Светлината во врска со оваа земна класа блескаше сѐ посилно (Изреки 4:18).
5. а) Што било откриено во врска со големото мноштво во 1935 година? б) Што се случило на еден конгрес во 1935 година, кога Џ. Ф. Ратерфорд ги замолил да станат оние што се надевале да живеат засекогаш на Земјата?
5 Разбирањето за Откровение 7:9-17 сега требаше да блесне со сиот свој сјај! (Псалм 97:11). Во списанието Стражарска кула повеќе пати беше изразена надежта дека конгресот планиран да се одржи од 30 мај до 3 јуни 1935 година во Вашингтон (Д.К., САД) ќе им донесе „вистинска утеха и корист“ на оние што се претставени со Јонадав. И навистина беше така! Во возбудливото предавање со наслов „Големото мноштво“, кое се одржа пред околу 20.000 присутни на конгресот, Џ. Ф. Ратерфорд, кој во тоа време го надгледуваше светското дело на проповедање, изнесе библиски докази дека денешните други овци се истото големо мноштво од Откровение 7:9. Во клучниот момент од ова предавање, говорникот рече: „Ве молам, станете сите вие што се надевате да живеете вечно на Земјата!“ Кога голем дел од присутните станаа, говорникот изјави: „Гледајте! Големото мноштво!“ За миг настапи молк, а веднаш потоа следеа громогласни извици на радост. Колку восхитена беше класата на Јован — а и групата на Јонадав! Следниот ден се крстија 840 нови Сведоци, од кои повеќето се изјаснуваа како членови на големото мноштво.
Утврдено е кое е големото мноштво
6. а) Зошто можеме јасно да разбереме дека големото мноштво е денешната група на оддадени христијани што се надеваат да живеат засекогаш на Земјата? б) Што симболизираат белите облеки што ги носат членовите на големото мноштво?
6 Од каде можеме да бидеме толку сигурни дека големото мноштво е оваа денешна група на оддадени христијани што се надеваат да живеат засекогаш на Божјата Земја? Претходно, Јован ја видел во видението небесната група ‚купена... за Бог од секое племе и јазик и народ и народност‘ (Откровение 5:9, 10). Членовите на големото мноштво потекнуваат од истото место, но имаат поинаква надеж. За разлика од Израелот Божји, нивниот број не е предодреден. Ниту еден човек не може однапред да каже колку ќе бидат тие. Нивните облеки се обелени во крвта на Јагнето, што покажува дека Јехова ги смета за праведни затоа што имаат вера во жртвата на Исус (Откровение 7:14). Тие мавтаат со палмови гранки, поздравувајќи го Месијата како свој Цар.
7, 8. а) На кои настани сигурно го потсетило апостол Јован мавтањето со палмови гранки? б) Што значи тоа што членовите на големото мноштво мавтаат со палмови гранки?
7 Додека го гледа ова видение, Јован сигурно се враќа во мислите 60 години наназад, за време на Исусовата последна седмица на Земјата. На 9 нисан 33 год. од н.е., едно големо мноштво луѓе, кои се собрале да го пречекаат Исус во Ерусалим, зеле ‚палмови гранки и излегле да го пресретнат. И почнале да викаат: „Спаси го, те молиме! Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова, царот на Израел!“‘ (Јован 12:12, 13). На сличен начин, мавтајќи со палмови гранки и викајќи на сет глас, големото мноштво ја покажува својата неизмерна радост, прифаќајќи го Исус како Цар поставен од Јехова.
8 Без сомнение, палмовите гранки и радосните извици го потсетуваат Јован и на древниот израелски Празник на сениците. Во врска со овој празник, Јехова заповедал: „На првиот ден земете плодови од убави дрвја, палмови лисја, гранки од широколисни дрвја и од крајпоточни тополи, па веселете се седум дена пред Јехова, својот Бог“. Палмовите гранки биле знак на радост. Привремените сеници служеле како потсетување дека Јехова го спасил својот народ од Египет за да живее во шатори во пустината. Празникот го славеле и „детето без татко и вдовицата“. Целиот Израел требало ‚да биде весел‘ (3. Мојсеева 23:40; 5. Мојсеева 16:13-15).
9. Што извикува со радост големото мноштво?
9 Според тоа, соодветно е што големото мноштво, иако не е дел од духовниот Израел, мавта со палмови гранки, бидејќи со радост и благодарност им ги припишува победата и спасението на Бог и на Јагнето, како што забележува и Јован: „И викаа на сет глас: ‚Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето!‘“ (Откровение 7:10). Иако потекнуваат од сите етнички групи, членовите на големото мноштво извикуваат обединето „на сет глас“. Како можат да го прават ова со оглед на тоа што се од различни народи и зборуваат различни јазици?
10. Зошто може големото мноштво да извикува едногласно „на сет глас“ и покрај тоа што во него има луѓе од сите народи и јазици?
10 Ова големо мноштво луѓе ѝ припаѓаат на единствената вистински обединета меѓународна организација на Земјата денес. Тие немаат различни мерила во различни земји, туку доследно ги применуваат библиските праведни начела каде и да живеат. Немаат никаков удел во националистички, револуционерни движења, затоа што навистина ги ‚прековале своите мечеви во плугови‘ (Исаија 2:4). Не се поделени на секти или на вероисповеди, па да шират збунувачки или противречни пораки како што прават религиите во христијанскиот свет. И, не му препуштаат на едно платено свештенство да го слави Бог наместо нив. Не викаат дека му го должат спасението на светиот дух, бидејќи не му служат на троеден бог. Во над 200 земји и острови во светот, едногласно го повикуваат името на Јехова додека го зборуваат единствениот чист јазик на вистината (Софонија 3:9). Тие со право признаваат пред сите дека својот спас му го должат на Јехова, Богот на спасението, кој им го дава преку Исус Христос, Главниот Застапник на тоа спасение (Псалм 3:8; Евреите 2:10).
11. Како современата технологија му помага на големото мноштво уште повеќе да го засили својот глас?
11 Современата технологија помогна силниот глас на ова обединето големо мноштво да стане уште посилен. Ниту една религија на Земјата нема потреба да печати публикации за проучување на Библијата на повеќе од 400 јазици, бидејќи ниту една друга религија не сака да им пренесе на сите луѓе на Земјата една единствена порака. За да се даде уште поголема помош во овој поглед, под водство на помазаното Водечко тело на Јеховините сведоци, беше изработена една компјутерска програма за печатење на повеќе јазици (MEPS). Додека се печати оваа книга, различни облици на таа програма се користат на над 125 локации низ целиот свет, и ова овозможува полумесечното списание Стражарска кула да излегува симултано, односно истовремено, на повеќе од 130 јазици. Јеховиниот народ издава на многу јазици симултано и книги како што е оваа. Затоа, Јеховините сведоци, од кои повеќето се од големото мноштво, можат годишно да раздадат стотици милиони публикации на сите попознати јазици, и на тој начин додатни мноштва луѓе од сите племиња и јазици можат да ја проучуваат Божјата реч и да ги придружат своите гласови на силниот глас на големото мноштво (Исаија 42:10, 12).
На небото или на Земјата?
12, 13. Во која смисла големото мноштво „стои пред престолот и пред Јагнето“?
12 Од каде знаеме дека тоа што големото мноштво ‚стои пред престолот‘ не значи дека е на небото? Има многу јасни докази што го потврдуваат ова. На пример, грчкиот збор што овде е преведен со ‚пред‘ (ено́пион) буквално значи „пред очите [на]“, и се користи неколку пати кога се зборува за луѓе на Земјата што се „пред“ или „пред очите на“ Јехова (1. Тимотеј 5:21; 2. Тимотеј 2:14; Римјаните 14:22; Галатите 1:20). Еднаш, кога Израелците биле во пустината, Мојсеј му рекол на Арон: „Кажи ѝ на целата заедница од синови на Израел: ‚Дојдете пред Јехова, зашто тој го чу вашето мрморење‘“ (2. Мојсеева 16:9). Тогаш Израелците не морало да бидат пренесени на небото за да застанат пред Јехова. (Спореди 3. Мојсеева 24:8.) Напротив, токму таму во пустината тие стоеле пред очите на Јехова, и тој го свртел своето внимание кон нив.
13 Освен тоа, читаме: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава... сите народи ќе се соберат пред него“. Сите луѓе нема да бидат на небото кога ќе се исполни ова пророштво. И, сигурно оние „што ќе отидат во вечна смрт“ нема да бидат на небото (Матеј 25:31-33, 41, 46). Наместо тоа, луѓето се на Земјата пред очите на Исус, а тој го свртува своето внимание кон нив за да им суди. Слично на ова, големото мноштво е „пред престолот и пред Јагнето“ во таа смисла што стои пред очите на Јехова и на Царот што тој го поставил, Исус Христос, од кого добива поволна пресуда.
14. а) За која група се вели дека се наоѓа „околу престолот“ и „на [небесната] гора Сион“? б) Иако големото мноштво му служи на Бог „во неговиот храм“, зошто ова не значи дека е свештеничка класа?
14 За 24-те старешини и за помазаната група од 144.000 се вели дека се „околу престолот“ на Јехова и „на [небесната] гора Сион“ (Откровение 4:4; 14:1). Големото мноштво не е свештеничка класа и не се наоѓа на таа возвишена положба. Точно, подоцна во Откровение 7:15 за нив се вели дека му служат на Бог „во неговиот храм“. Но, овој храм не се однесува на светилиштето што се наоѓа внатре во храмот, односно на Светињата над светињите. Напротив, тоа се однесува на земниот двор на Божјиот духовен храм. Грчкиот збор нао́с, што овде е преведен со „храм“, честопати се однесува на целата градба што се користела како место за обожавање на Јехова. Денес, ова е духовно здание во кое се вклучени и небото и Земјата. (Спореди Матеј 26:61; 27:5, 39, 40; Марко 15:29, 30; Јован 2:19-21.)
Сите пеат фалби
15, 16. а) Како реагираат суштествата на небото кога се појавува големото мноштво? б) Како реагираат Јеховините духовни суштества на секое ново откровение на неговата намера? в) Како можеме ние овде на Земјата да пееме фалбена песна?
15 Големото мноштво го фали Јехова, но и други му пеат фалби. Јован продолжува: „И сите ангели стоеја околу престолот и околу старешините и четирите суштества, та паднаа ничкум пред престолот и му се поклонија на Бог, велејќи: ‚Амин! Благослов и слава и мудрост и благодарност и чест и моќ и сила на нашиот Бог во сета вечност! Амин‘“ (Откровение 7:11, 12).
16 Кога Јехова ја создал Земјата, сите негови свети ангели ‚радосно извикувале заедно и сите Божји синови воскликнувале од радост‘ (Јов 38:7). Ангелите сигурно го поздравуваат со слични извици на фалба секое ново откровение во врска со Јеховините намери. Кога 24-те старешини — 144.000-те во својата небесна слава — со силен глас му оддаваат чест на Јагнето, сите други Божји небесни суштества им се придружуваат фалејќи ги Исус и Јехова Бог (Откровение 5:9-14). Овие суштества веќе биле пресреќни што виделе како се исполнува Јеховината намера со верните помазани луѓе кога Бог ги воскреснал за да престојуваат во слава во духовниот свет. Сега, кога се појавува големото мноштво, сите Јеховини верни небесни суштества запејуваат гласна милозвучна фалба. Навистина, денот на Господарот е многу возбудливо време за сите Јеховини слуги (Откровение 1:10). Колкава чест имаме ние овде на Земјата што можеме да му пееме фалбена песна на Јехова сведочејќи за неговото Царство!
Се појавува големото мноштво
17. а) Кое прашање му го поставува на Јован еден од 24-те старешини, и што покажува тоа што овој старешина можел да го дознае одговорот? б) Кога било одговорено прашањето на старешината?
17 Од времето на апостол Јован до почетокот на денот на Господарот, а и нешто потоа, помазаните христијани не биле сигурни кое е ова големо мноштво. Затоа е на место тоа што еден од 24-те старешини, кој ги претставува помазаниците што се веќе на небото, му поставува на Јован едно прашање кое го наведува на размислување. „Тогаш еден од старешините ми рече: ‚Кои се и од каде дојдоа овие што се облечени во бели долги облеки?‘ Му одговорив: ‚Господару мој, ти го знаеш тоа‘“ (Откровение 7:13, 14а). Да, тој старешина можел да го дознае одговорот и да му го каже на Јован. Ова покажува дека веројатно воскреснатите од групата на 24-те старешини се вклучени во пренесувањето на Божјите вистини денес. Од своја страна, оние од класата на Јован на Земјата разбрале кое е големото мноштво со тоа што внимателно набљудувале што прави Јехова во нивната средина. Тие веднаш го виделе сјајниот зрак светлина со кој Бог го осветлил теократското небо во 1935 година, точно во времето што го одредил самиот тој.
18, 19. а) Која надеж ја истакнувала класата на Јован во текот на 1920-тите и 1930-тите години, но кои лица ја прифатиле пораката во голем број? б) Какво значење имало за 144.000-те тоа што во 1935 година се дознало кое е големото мноштво? в) Што откриваат бројките од Спомен-свеченоста?
18 Во текот на 1920-тите и почетокот на 1930-тите години, класата на Јован ја нагласувала небесната надеж, и во публикациите и во проповедањето. Изгледало дека целосниот број од 144.000 сѐ уште не е пополнет. Но, сѐ поголем број од оние што ја прифаќале пораката и што ревносно сведочеле изјавувале дека сакаат да живеат засекогаш во Рајот на Земјата. Тие немале желба да одат на небото. Тоа не бил нивниот позив. Не биле дел од малото стадо, туку од другите овци (Лука 12:32; Јован 10:16). Тоа што во 1935 година станало јасно кое е големото мноштво од други овци било уште еден показател дека избирањето на 144.000-те тогаш било при крај.
19 Дали бројките одат во прилог на овој заклучок? Да. Во 1938 година, во светот проповедаа 59.047 Јеховини сведоци. Од нив, 36.732 зедоа од симболите на годишната прослава на Спомен-свеченоста по повод Исусовата смрт, и со тоа покажаа дека имаат небесен позив. Во годините што следеа, бројот на овие лица постепено се намалуваше, главно затоа што овие верни Сведоци на Јехова умираа и го завршуваа својот живот на Земјата. Во 2005 година, од симболите зедоа само 8.524 — 0,05 отсто од вкупно 16.390.116-те лица што присуствуваа на Спомен-свеченоста во целиот свет.
20. а) Што изјавил приватно Џ. Ф. Ратерфорд во врска со големото мноштво во текот на Втората светска војна? б) Кои факти денес покажуваат дека големото мноштво е навистина големо?
20 Кога избувна Втората светска војна, Сатана со сите сили се трудеше да го спречи собирањето на големото мноштво. Јеховиното дело беше ограничено во многу земји. Во тие мрачни денови, и кратко пред својата смрт во јануари 1942 година, Џ. Ф. Ратерфорд изјави: „Се чини дека големото мноштво и нема да биде толку големо“. Но, благодарение на Божјиот благослов, не беше така! До 1946 година, бројот на Сведоци во целиот свет порасна на 176.456, а повеќето од нив беа од големото мноштво. А во 2005 година, имаше 6.390.022 Сведоци кои верно му служеа на Јехова во 235 земји — навистина ГОЛЕМО МНОШТВО! И, овој број продолжува да расте.
21. а) Како собирањето на Божјиот народ во текот на денот на Господарот е во потполна согласност со видението на Јован? б) Како почнале да се исполнуваат некои важни пророштва?
21 Така, собирањето на Божјиот народ во текот на денот на Господарот беше во потполна согласност со видението на Јован: прво се собраа преостанатите од 144.000-те, а потоа продолжи собирањето на големото мноштво. Како што прорекол Исаија, сега, „во последните денови“, луѓето од сите народи се собираат за да го обожаваат Јехова на чист и исправен начин. И навистина сме восхитени што разбираме дека Јехова ќе создаде „нови небеса и нова земја“ (Исаија 2:2-4; 65:17, 18). Бог собира „сѐ во Христос — она што е на небесата и она што е на земјата“ (Ефешаните 1:10). „Она што е на небесата“ се помазаните наследници на небесното Царство — избирани низ вековите по времето на Исус. А сега се појавува големото мноштво од други овци кои се првите од „она што е на земјата“. Ако соработуваш со сето она што се прави во овој поглед, ќе бидеш среќен засекогаш.
Како е благословено големото мноштво
22. Какви други информации добил Јован во врска со големото мноштво?
22 Преку посредник од Бог, Јован добива понатамошни информации во врска со ова големо мноштво: „И [старешината] ми рече: ‚Тоа се оние што доаѓаат од големата неволја. Ги испраа своите долги облеки и ги обелија во крвта на Јагнето. Затоа се пред Божјиот престол и му служат ден и ноќ во неговиот храм. И оној што седи на престолот ќе го распне својот шатор над нив‘“ (Откровение 7:14б, 15).
23. Што е големата неволја од која ‚доаѓа‘ големото мноштво?
23 Нешто порано, Исус рекол дека неговата присутност во славата на Царството ќе заврши со „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:21, 22). Ова пророштво ќе се исполни кога ангелите ќе ги пуштат четирите ветрови на Земјата за да го опустошат Сатановиот свет. Најпрво ќе биде уништен Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. А потоа, кога неволјата ќе биде најголема, Исус ќе ги избави останатите од 144.000-те на Земјата, заедно со многубројното големо мноштво (Откровение 7:1; 18:2).
24. Што треба да прават членовите на големото мноштво за да преживеат?
24 Што треба да прават членовите на големото мноштво за да преживеат? Старешината му кажува на Јован дека тие ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘. Со други зборови, тие имаат вера во Исус како нивни Откупител, му ветиле на Јехова дека ќе му служат, го симболизирале тој завет со крштавање во вода и ‚чуваат чиста совест‘ со својот исправен начин на живот (1. Петрово 3:16, 21; Матеј 20:28). Затоа се чисти и праведни во Јеховини очи. И, тие ‚се чуваат од валканоста на светот‘ (Јаков 1:27).
25. а) Како големото мноштво му служи на Јехова „ден и ноќ во неговиот храм“? б) Како Јехова го ‚распнува својот шатор‘ над големото мноштво?
25 Освен тоа, тие стануваат ревносни Сведоци за Јехова — ‚служејќи ден и ноќ во неговиот храм‘. Дали си и ти еден од ова оддадено големо мноштво? Ако да, огромна чест е да му служиш на Јехова без престан во земните дворови на неговиот голем духовен храм. Денес, под водство на помазаниците, големото мноштво извршува огромен дел од сведочењето. И покрај световните одговорности, стотици илјади од нив си го испланирале времето да служат во полновремена служба како пионери. Без оглед дали си и ти еден од овие пионери или не, како оддаден член на големото мноштво, можеш да се радуваш што поради својата вера и дела си прогласен за праведен како Божји пријател и тој ти изразува добредојде како на гостин во неговиот шатор (Псалм 15:1-5; Јаков 2:21-26). На овој начин, Јехова го ‚распнува својот шатор‘ над оние што го сакаат и ги заштитува како добар домаќин (Изреки 18:10).
26. Какви други благослови ќе добие големото мноштво?
26 Старешината продолжува: „Тие нема повеќе да гладуваат, ниту да жедуваат, нема да ги измачува сонцето, ниту некаква жега, бидејќи Јагнето, кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори на води на животот. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи“ (Откровение 7:16, 17). Да, Јехова е навистина гостољубив! Но, кое е подлабокото значење на овие зборови?
27. а) Како Исаија прорекол нешто слично на она што го кажал старешината? б) Што покажува дека пророштвото на Исаија почнало да се исполнува на христијанското собрание во времето на Павле?
27 Да разгледаме едно слично пророштво: „Вака вели Јехова: ‚Во времето на својата милост те услишив, во денот на спасението ти помогнав... Нема да огладнат ниту да ожеднат, нема да ги измачува жега ниту сонце, зашто ќе ги води оној што има сомилост кон нив, тој ќе ги води на водните извори‘“ (Исаија 49:8, 10; види и Псалм 121:5, 6). Апостол Павле цитирал дел од ова пророштво и објаснил дека се однесува на „денот на спасението“, кој започнал на Педесетница 33 год. од н.е. Тој напишал: „Зашто, тој [Јехова] вели: ‚Во времето на својата милост те услишив, во денот на спасението ти помогнав‘. Еве, сега е времето на милоста! Еве, сега е денот на спасението!“ (2. Коринќаните 6:2).
28, 29. а) Како се исполниле зборовите на Исаија во првиот век? б) Како се исполнуваат зборовите од Откровение 7:16 на големото мноштво? в) Каков ќе биде резултатот од тоа што големото мноштво ќе биде водено на „извори на води на животот“? г) Зошто членовите на големото мноштво ќе бидат единствени меѓу сите луѓе?
28 Како, во тоа време, се исполниле зборовите дека Божјите слуги нема да гладуваат, ниту да жедуваат, ниту да ги измачува жега ниту сонце? Се разбира, христијаните во првиот век понекогаш трпеле дословен глад и жед (2. Коринќаните 11:23-27). Но, во духовна смисла тие имале изобилие. Биле добро згрижени, и затоа не гладувале и не жедувале за духовни работи. Освен тоа, Јехова не го излеал својот жесток гнев врз нив кога го уништил еврејскиот поредок во 70 год. од н.е. Зборовите од Откровение 7:16 имаат слично духовно исполнување за големото мноштво денес. Заедно со помазаните христијани, тоа живее во духовно изобилство (Исаија 65:13; Наум 1:6, 7).
29 Ако си и ти еден од ова големо мноштво, твојата радост во срцето ќе те тера да ‚воскликнуваш‘, без оглед на сето она што можеби мораш да го претрпиш поради сиромаштијата и притисоците во текот на последните години од Сатановиот поредок (Исаија 65:14). Во таа смисла, Јехова уште сега може да ‚ја избрише секоја солза од твоите очи‘. Повеќе не ти се заканува жешкото „сонце“ на Божјата осуда и, кога ќе бидат пуштени четирите ветрови на уништувањето, можеш да бидеш заштитен од ‚жегата‘ на Јеховиното незадоволство. Откако ќе заврши уништувањето, Јагнето ќе ти помогне да извлечеш целосна корист од освежителните „води на животот“, кои го претставуваат сето она што Јехова го прави за да ти овозможи да живееш вечно. Ќе се покаже дека твојата вера во крвта на Јагнето не била залудна, и ти постепено ќе станеш совршен. Како член на големото мноштво, ќе бидеш единствен во тој поглед што ќе си еден од ‚милионите‘ кои не морале да умрат! Тогаш во вистинска смисла на зборот ќе биде избришана секоја солза од твоите очи (Откровение 21:4).
Потврдување на позивот
30. Каква извонредна глетка ни се отвора во видението на Јован, и кој ќе може да „опстане“?
30 Каква само извонредна глетка отвораат овие зборови пред нас! Јехова е на својот престол, а сите негови слуги, и небесните и земните, го фалат во еден глас. За неговите земни слуги е огромна чест што се дел од хорот кој сѐ погласно му пее фалби на Јехова. Многу скоро, Јехова и Исус Христос ќе ја извршат пресудата, и ќе се слушне повикот: „Дојде големиот ден на нивниот гнев, и кој може да опстане?“ (Откровение 6:17). Кој е одговорот? Само мал број луѓе, меѓу кои можеби ќе бидат и некои што ќе останат од 144.000-те обележани со печат, како и големото мноштво од други овци кои ќе ‚опстанат‘, односно ќе преживеат со нив (Еремија 35:19; 1. Коринќаните 16:13).
31. Како исполнувањето на видението на Јован треба да влијае и врз помазаните христијани и врз оние од големото мноштво?
31 Со оглед на овој факт, помазаните христијани од класата на Јован силно се напрегаат ‚итајќи кон наградата на небесниот позив Божји преку Христос Исус‘ (Филипјаните 3:14). Тие се сосема свесни дека настаните денес бараат особена истрајност од нив (Откровение 13:10). Откако со години верно му служеле на Јехова, тие остануваат цврсти во верата и се радуваат што нивните имиња се „запишани на небесата“ (Лука 10:20; Откровение 3:5). И членовите на големото мноштво знаат дека само оној „кој ќе истрае до крајот, ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Иако големото мноштво како група е обележано да излезе од големата неволја, секој поединец мора лично да се напрега за да остане чист и активен.
32. Што треба итно да се стори со оглед на тоа што само две групи ќе ‚опстанат‘ во денот на Јеховиниот гнев?
32 Ништо не покажува дека некој друг, освен овие две групи, ќе „опстане“ во денот на Јеховиниот гнев. Што значи ова за милионите лица кои секоја година покажуваат извесно ценење за Исусовата жртва со тоа што присуствуваат на Спомен-свеченоста по повод неговата смрт, но кои сѐ уште немаат толку голема вера што ќе ги поттикне да му се заветуваат на Јехова, да се крстат и активно да му служат? Освен тоа, што е со оние кои порано биле активни, но дозволиле срцата да им станат „оптоварени со... животните грижи“? Сите тие нека се разбудат, и нека останат будни за да ‚успеат да го избегнат сето ова што треба да се случи и да застанат пред Синот човечки‘ — Исус Христос. Времето истекува! (Лука 21:34-36).
[Фуснота]
a Стражарска кула, 1 април 1918 година, 98. страница (англиски).
[Рамка на страница 119]
Бог е тој што толкува
Со децении класата на Јован сакаше да дознае кое е големото мноштво, но не успеа да најде задоволително објаснување. Зошто? Одговорот на ова прашање го наоѓаме во она што го кажал верниот Јосиф: „Зарем не е Бог тој што... толкува?“ (1. Мојсеева 40:8). Кога и како Бог го толкува исполнувањето на своите пророштва? Обично го прави тоа тогаш кога тие треба да се исполнат или кога исполнувањето веќе е во тек, за да можат неговите заинтересирани слуги јасно да ја разберат нивната порака. Ова разбирање е дадено „за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4).
[Рамка на страница 124]
Членовите на големото мноштво
▪ доаѓаат од сите народи и племиња и народности и јазици
▪ стојат пред Јеховиниот престол
▪ ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето
▪ им го припишуваат своето спасение на Јехова и на Исус
▪ доаѓаат од големата неволја
▪ му служат на Јехова ден и ноќ во неговиот храм
▪ добиваат заштита и грижа од Јехова, кои тој со љубов им ги дава
▪ Исус ги пасе и ги води на извори на води на животот
[Слика на целата страница 121]
[Слика на страница 127]
Големото мноштво им го должи спасението на Бог и на Јагнето
[Слика на страница 128]
Јагнето ќе го води големото мноштво до извори на води на животот