Лука
21 Исус гледаше како богатите пуштаат прилози во садовите за прилози. 2 Тогаш здогледа една сиромашна вдовица како пушта две мали парички,* 3 па рече: „Вистина ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите нив. 4 Зашто, сите тие пуштија прилози од својот вишок, а таа, иако е толку сиромашна, пушти сѐ што имаше за живот“.
5 Подоцна, додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и со дарови посветени на Бог, 6 тој рече: „Ќе дојде време кога од сето ова што го гледате нема да биде оставен ни камен на камен, сѐ ќе биде урнато“. 7 Тогаш го прашаа: „Учителе, кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот дека дошло времето да се случи тоа?“ 8 А тој рече: „Пазете да не бидете заведени. Зашто, мнозина ќе дојдат во мое име и ќе велат: ’Јас сум Христос‘ и ’Се приближи времето‘. Немојте да одите по нив. 9 А кога ќе чуете за војни и немири, не плашете се. Зашто, прво тоа мора да се случи, но крајот нема да дојде веднаш“.
10 Потоа им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство. 11 Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и заразни болести. Луѓето ќе гледаат страшни работи и големи знаци од небото.
12 А пред да се случи сето тоа, ќе ве приведуваат, ќе ве прогонуваат, ќе ве предаваат на суд во синагогите и ќе ве ставаат во затвори. Ќе ве водат пред цареви и управители поради моето име. 13 Тоа ќе ви даде можност да сведочите. 14 Немојте однапред да смислувате што ќе речете во своја одбрана, 15 зашто јас ќе ви дадам зборови и мудрост на кои сите ваши противници заедно нема да можат да им се спротивстават, ниту да ги оспорат. 16 Дури и родителите, браќата, роднините и пријателите ќе ве предадат, а некои од вас ќе бидат и убиени. 17 И сите ќе ве мразат поради моето име. 18 Но нема да ви фали ниту влакно од главата. 19 Со својата истрајност ќе го зачувате својот живот.*
20 А кога ќе видите дека Ерусалим е опколен од војски, знајте дека се приближило неговото опустошување. 21 Тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините. Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат, а оние што ќе бидат во селата, нека не влегуваат во градот. 22 Зашто, тоа се денови во кои ќе се спроведе правдата,* за да се исполни сето она што е напишано. 23 Тешко на бремените жени и на доилките во тие денови! Зашто, страшна неволја ќе ја снајде оваа земја и гнев ќе се излее врз овој народ. 24 Ќе паднат од сечилото на мечот и ќе бидат одведени во заробеништво меѓу сите народи. И Ерусалим ќе биде газен од народите* додека не завршат времињата на народите.*
25 И ќе има знаци на сонцето, месечината и ѕвездите, а народите на земјата ќе ги обземе мака и чувство на немоќ поради бучавата на морето и брановите. 26 Луѓето ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се затресат. 27 И тогаш ќе го видат Синот човечки како доаѓа во облак со сила и со голема слава. 28 А кога ќе почне да се случува сето тоа, исправете се и подигнете ги главите, бидејќи се приближува вашето избавување“.
29 Тогаш им раскажа една споредба: „Погледнете ја смоквата и сите други дрвја. 30 Кога ќе видите дека веќе распупиле, знаете дека летото е близу. 31 Така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Божјето Царство е близу. 32 Вистина ви велам, ова поколение нема да изумре* додека не се случи сето тоа. 33 Небото и земјата ќе исчезнат, но моите зборови ќе останат засекогаш.
34 А вие внимавајте вашите срца да не бидат преокупирани со прекумерно јадење и со опивање и со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади 35 како замка. Зашто, никој што живее на земјата нема да може да го избегне тој ден. 36 Затоа, бидете будни и сесрдно молете се цело време за да успеете да го избегнете сето тоа што треба да се случи и да можете да застанете пред Синот човечки“.
37 Така, дење поучуваше во храмот, а навечер одеше на Маслинската Гора и таму ја поминуваше ноќта. 38 А целиот народ доаѓаше рано наутро во храмот за да го слуша.