Лука
4 Исполнет со свет дух, Исус си замина од Јордан. И духот го водеше низ пустината, 2 каде што остана 40 дена. Кога поминаа тие денови, тој огладне бидејќи за сето тоа време ништо не јадеше. Тогаш Ѓаволот дојде да го искуша 3 и му рече: „Ако си Божји син, кажи му на овој камен да стане леб“. 4 А Исус му одговори: „Напишано е: ’Човек не смее да живее само од леб‘“.
5 Потоа Ѓаволот го одведе на едно високо место и одеднаш му ги покажа сите царства на светот. 6 Па му рече: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава, бидејќи таа власт ми е предадена мене, и јас ја давам кому што сакам. 7 Затоа, ако ми се поклониш,* сето ова ќе биде твое“. 8 Тогаш Исус му рече: „Напишано е: ’Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му‘“.*
9 Тогаш го одведе во Ерусалим, го качи на највисокото место на храмот и му рече: „Ако си Божји син, фрли се долу. 10 Зашто, напишано е: ’На своите ангели ќе им заповеда да те чуваат‘ 11 и ’Тие ќе те носат на раце за да не си ја удриш ногата во камен‘“. 12 Исус му одговори: „Кажано е: ’Не искушувај го Јехова, својот Бог‘“. 13 Тогаш Ѓаволот престана да го искушува и го остави, чекајќи друг поволен момент.
14 А Исус, исполнет со силата од духот, се врати во Галилеја. И за него добро се зборуваше по целиот тој крај. 15 Почна да поучува во нивните синагоги и сите го почитуваа.
16 Потоа отиде во Назарет, каде што порасна. Влезе во синагогата на сабат, како што обично правеше, па стана да чита. 17 Му го дадоа свитокот на пророкот Исаија, а тој го отвори и го најде местото каде што беше напишано: 18 „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромашните. Ме испрати да им објавам на заробените дека ќе бидат ослободени и на слепите дека повторно ќе прогледаат, да ги ослободам оние што страдаат, 19 да објавам дека дојде времето Јехова да им покаже милост на луѓето“. 20 Тогаш го свитка свитокот, му го врати на служителот и седна. Очите на сите во синагогата беа вперени во него. 21 И им рече: „Овие зборови од Писмото кои штотуку ги слушнавте, денес се исполнија“.
22 И сите почнаа убаво да зборуваат за него и се восхитуваа на пријатните зборови што излегуваа од неговата уста. И велеа: „Не е ли ова синот на Јосиф?“ 23 Тогаш им рече: „Сигурно ќе ја примените на мене оваа изрека: ’Лекару, излекувај се самиот себе‘. И ќе речете: ’Направи го и овде, во својот роден крај, она што чувме дека си го направил во Капернаум‘“. 24 И уште рече: „Верувајте ми, ниту еден пророк не е прифатен во својот роден крај. 25 Вистина ви велам, во деновите на Илија, кога небото три години и шест месеци беше затворено, па во целата земја владееше голем глад, во Израел имаше многу вдовици. 26 Но Илија не беше испратен кај ниту една од нив, туку само кај една вдовица во Сарепта, во сидонската земја. 27 Исто така, во времето на пророкот Елисеј, во Израел имаше многу лепрозни, но ниту еден од нив не беше излекуван, освен Сириецот Нааман“. 28 А кога го слушнаа тоа, сите во синагогата се разгневија, 29 па станаа, го истераа од градот и го одведоа до работ на ридот на кој што беше изграден нивниот град за да го фрлат оттаму. 30 Но тој помина меѓу нив и си отиде.
31 Потоа отиде во Капернаум, град во Галилеја. Таму ги поучуваше луѓето на сабат, 32 а тие беа восхитени од неговото поучување, бидејќи зборуваше како некој зад чии зборови стои Бог. 33 А во синагогата имаше еден човек кој беше обземен од демон, од нечист дух. Тој извика на сет глас: 34 „Што сакаш од нас, Исусе Назареќанецу? Дојде ли за да нѐ уништиш? Многу добро знам дека ти си оној што е свет и испратен од Бог!“ 35 А Исус строго му нареди: „Замолчи и излези од него!“ Тогаш демонот го собори човекот пред нив, па излезе од него без да го повреди. 36 Тогаш сите се зачудија и си велеа еден на друг: „Какви зборови! Со власт и сила им заповеда на нечистите духови, и тие излегуваат!“ 37 И веста за него се ширеше по целата околина.
38 Потоа излезе од синагогата, па отиде во домот на Симон. А бабата* на Симон имаше силна треска, и го замолија Исус да ѝ помогне. 39 Тој дојде до неа и ја излекува. Тогаш треската ѝ помина, па таа веднаш стана и почна да им спрема нешто за јадење.
40 А кога заоѓаше сонцето, сите што дома имаа болни од каква и да било болест ги носеа кај Исус. Тој ги ставаше рацете врз секој од нив и ги лекуваше. 41 И од многу луѓе истера демони, кои викаа: „Ти си Божјиот Син!“ Но тој ги прекоруваше и не им дозволуваше да зборуваат, бидејќи знаеја дека тој е Христос.
42 Кога се раздени, отиде на едно осамено место. Но луѓето почнаа да го бараат и кога го најдоа, го молеа да остане кај нив. 43 А тој им рече: „И во други градови морам да ја објавам добрата вест за Божјето Царство, бидејќи за тоа сум испратен“. 44 И продолжи да проповеда во синагогите во Јудеја.