Лука
9 Потоа ги повика 12-те апостоли и им даде моќ и власт да ги истеруваат сите демони и да лекуваат болести. 2 И ги испрати да проповедаат за Божјето Царство и да лекуваат болни, 3 па им рече: „Ништо не носете за по пат, ниту стап, ниту торба, ниту леб, ниту пари. И не носете резервна облека.* 4 А во која куќа и да влезете, останете таму додека не си заминете од тој крај. 5 А таму каде што нема да ве примат, кога ќе заминувате од тој град, истресете го правот од своите нозе, со што ќе покажете дека сте ги предупредиле“.* 6 Така учениците тргнаа и одеа од село во село, објавувајќи ја добрата вест и лекувајќи насекаде.
7 Кога владетелот* Ирод* слушна за сѐ што се случуваше, беше многу збунет, бидејќи некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите, 8 други дека се појавил Илија, а трети, пак, дека воскреснал некој од древните пророци. 9 Ирод рече: „На Јован му ја отсеков главата. Тогаш, кој е овој за кого го слушам сето ова?“ Затоа сакаше да го види Исус.
10 Кога се вратија, апостолите му раскажаа на Исус што сѐ направиле. Тогаш ги одведе во еден град, кој се вика Витсаида, за да бидат сами. 11 Но, кога луѓето дознаа за тоа, тргнаа по него. А тој љубезно ги прими, па им зборуваше за Божјето Царство и ги лекуваше оние кои беа болни. 12 Кога денот почна да се ближи кон својот крај, кај него дојдоа 12-те апостоли и му рекоа: „Пушти ги луѓето за да можат да отидат до околните села да најдат сместување и нешто за јадење, зашто местово е пусто“. 13 Но тој им рече: „Вие дајте им нешто да јадат“. А тие рекоа: „Имаме само пет леба и две риби. Треба ли да одиме да купиме храна за сите овие луѓе?“ 14 А беа околу 5.000 мажи. Тогаш тој им рече на своите ученици: „Кажете им да седнат во групи од по 50“. 15 Тие направија така, и сите испоседнаа. 16 А тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото и се помоли.* Потоа ги раскрши лебовите, па и лебовите и рибите почна да им ги подава на учениците за да им ги поделат на луѓето. 17 Така сите јадеа и се наситија, а потоа го собраа она што остана — 12 кошници.
18 Во една прилика, кога Исус се молеше насамо, учениците дојдоа кај него и тој ги праша: „Што велат луѓето, кој сум јас?“ 19 Тие одговорија: „Некои велат дека си Јован Крстител, некои дека си Илија, а други дека воскреснал некој од древните пророци“. 20 Тогаш ги праша: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ Петар одговори: „Божјиот Помазаник“.* 21 Тогаш строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа. 22 И рече: „Синот човечки мора да претрпи многу страдања и да биде отфрлен од старешините, од главните свештеници и од познавачите на Законот,* па да биде убиен и на третиот ден да воскресне“.
23 Тогаш им се обрати на сите: „Ако некој сака да појде по мене, нека се откаже од себе и секој ден нека го носи својот маченички столб,* па нека оди по мене. 24 Зашто, кој сака да си го спаси животот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот заради мене, ќе го спаси. 25 Навистина, што му вреди на човекот да го добие целиот свет, ако си наштети себеси или го изгуби животот? 26 Ако некој се срами од мене и од моите зборови, тогаш и Синот човечки ќе се срами од него кога ќе дојде во својата слава и во славата на Таткото и во славата на светите ангели. 27 Вистина ви велам, некои од оние што стојат овде нема да умрат додека не го видат Божјето Царство“.
28 Околу осум дена откако го кажа тоа, ги зеде со себе Петар, Јован и Јаков и се искачи на планината да се моли. 29 Додека се молеше, лицето му се промени, а облеката му стана блескаво бела. 30 И одеднаш се појавија двајца луѓе кои разговараа со него, а тоа беа Мојсеј и Илија. 31 Од нив зрачеше светлина, и почнаа да зборуваат за неговото заминување, кое требаше да се случи во Ерусалим. 32 А Петар и оние што беа со него ги совлада сон. Кога се разбудија, го видоа Исус во неговата слава и двајцата луѓе како стојат со него. 33 Додека тие двајца си заминуваа, Петар му рече на Исус: „Учителе, добро ни е овде. Затоа, ајде да подигнеме три шатори — еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија“. Всушност, не знаеше што зборува. 34 Додека го кажуваше тоа, се создаде облак и ги засени. Кога облакот ги покри, се уплашија. 35 А од облакот дојде глас: „Ова е мојот Син, кого го избрав! Него слушајте го!“ 36 Кога се чу гласот, учениците видоа дека Исус е сам. Но некое време молчеа и никому не кажаа што видоа.
37 Утредента, кога слегоа од планината, во пресрет му дојдоа мноштво луѓе. 38 Тогаш еден човек од мноштвото извика: „Учителе, те молам, помогни му на мојот син,* бидејќи немам други деца освен него. 39 Кога ќе го обземе нечист дух, тој одеднаш почнува да вика и силно да се грчи, па почнува пена да му излегува од устата. И духот не си оди од него додека сосема не го измачи. 40 Ги молев твоите ученици да го истераат, но не можеа“. 41 А Исус рече: „Безверно и изопачено поколение! До кога морам да останам со вас и да ве трпам? Доведи го овде твојот син“. 42 И додека момчето му приоѓаше, демонот го тресна од земја и го фрли во силен грч. Но Исус го прекори нечистиот дух, па го излекува момчето и му го предаде на неговиот татко. 43 И сите беа восхитени поради величествената Божја моќ.
Додека сите се чудеа поради сѐ што правеше, Исус им рече на своите ученици: 44 „Слушајте внимателно и запомнете ги овие зборови: Синот човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето“. 45 Но тие не го разбраа тоа што им го кажа. Всушност, значењето на тие зборови им беше скриено за да не го разберат, а се плашеа да го прашаат.
46 Тогаш учениците почнаа да се расправаат за тоа кој од нив е најголем. 47 А Исус знаеше што има во нивните срца, па зеде едно детенце, го стави покрај себе 48 и им рече: „Кој го прима ова детенце во мое име, ме прима и мене. А кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати. Зашто, оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“.
49 Тогаш Јован рече: „Учителе, видовме како еден човек истерува демони во твое име, па пробавме да го спречиме, бидејќи не е еден од нас“. 50 А Исус му одговори: „Не спречувајте го, затоа што кој не е против вас, тој е за вас“.
51 Како што се приближуваше времето да биде вознесен, Исус цврсто реши да оди во Ерусалим. 52 И испрати гласници пред себе. Тие отидоа и влегоа во едно самариско село за да подготват сѐ за неговото пристигнување. 53 Но таму не сакаа да го примат бидејќи дознаа дека е решен да оди во Ерусалим. 54 Кога го видоа тоа, учениците Јаков и Јован рекоа: „Господару, сакаш ли да кажеме да слезе оган од небото и да ги уништи?“ 55 А тој се сврте кон нив и ги прекори. 56 И така отидоа во друго село.
57 Додека одеа по патот, некој му рече: „Ќе одам по тебе каде и да појдеш“. 58 А Исус му одговори: „Лисиците имаат дувла и птиците имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“. 59 Потоа на еден друг човек му рече: „Појди по мене“.* Човекот одговори: „Господару, дозволи ми прво да одам да го погребам татко ми“. 60 Но Исус му рече: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртви, а ти оди и насекаде објавувај го Божјето Царство“. 61 А некој друг му рече: „Ќе појдам по тебе, Господару, но дозволи ми прво да се збогувам со моите домашни“. 62 Исус му одговори: „Никој кој ја ставил раката на плугот, па погледнува наназад, не е прикладен за Божјето Царство“.