Лука
22 Се приближуваше Празникот на бесквасните лебови, наречен Пасха. 2 Главните свештеници и познавачите на Законот* сакаа да го убијат Исус, но бидејќи се плашеа од народот, бараа начин како да го направат тоа. 3 А Сатана влезе во Јуда, наречен Искариот, кој беше еден од 12-те апостоли, 4 па тој отиде и разговараше со главните свештеници и со заповедниците на храмската стража за тоа како да им го предаде. 5 Тие се израдуваа и се договорија да му дадат сребрени пари. 6 Тој се согласи и почна да бара поволен момент да им го предаде кога нема да има народ во близина.
7 Дојде Празникот на бесквасните лебови, во кој требаше да се принесе пасхалната жртва. 8 Затоа Исус ги испрати Петар и Јован и им рече: „Одете и подгответе ни ја пасхалната вечера“. 9 Тие го прашаа: „Каде сакаш да ја подготвиме?“ 10 Тогаш им рече: „Кога ќе влезете во градот, ќе сретнете човек кој ќе носи стомна со вода. Појдете по него и влезете во куќата во која ќе влезе. 11 И речете му на домаќинот на куќата: ’Учителот те прашува: „Каде е гостинската соба во која можам да ја јадам пасхалната вечера со моите ученици?“‘ 12 Тој ќе ви покаже голема, наместена горна соба. Таму подгответе ја“. 13 И отидоа и најдоа така како што им рече. И подготвија сѐ за Пасхата.
14 Кога дојде времето, се смести на масата заедно со апостолите. 15 И им рече: „Многу сакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас пред да почнат моите страдања. 16 Зашто, ви велам, нема повторно да ја јадам додека не се исполни во Божјето Царство сето она што таа го претставува“. 17 И зеде чаша, му се заблагодари на Бог и рече: „Земете ја и подајте си ја еден на друг. 18 Зашто, ви велам, отсега повеќе нема да пијам вино додека не дојде Божјето Царство“.
19 И зеде леб, му се заблагодари на Бог, го раскрши и им го даде, па рече: „Ова го претставува моето тело, кое ќе се даде за вас. Правете го ова за мој спомен“. 20 Откако вечераа, истото го направи и со чашата, и рече: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз кој ќе почне да важи откако мојата крв ќе се пролее за вас.
21 Но, еве, мојот предавник е со мене на масата. 22 Зашто, Синот човечки си заминува како што е проречено за него, но тешко на оној што ќе го предаде!“ 23 Тогаш тие почнаа да се прашуваат меѓу себе кој од нив би можел да го направи тоа.
24 А почнаа и да се расправаат за тоа кој од нив е најголем. 25 Тогаш Исус им рече: „Царевите владеат над народите, и оние што имаат авторитет над другите се нарекуваат добротвори.* 26 Но вие не бидете такви. Најголемиот меѓу вас нека биде како најмладиот, а оној што предводи нека биде како оној што служи. 27 Зашто, кој е поголем, оној што седи на масата или оној што послужува?* Зарем не е оној што седи на масата? А јас сум меѓу вас како оној што послужува.
28 Сепак, вие останавте со мене во моите искушенија. 29 Затоа склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз, 30 за да јадете и да пиете на мојата маса во моето Царство, и да седите на престоли и да им судите на 12-те племиња на Израел.
31 Симоне, Симоне, еве, Сатана побара да ве просее како пченица. 32 Но јас сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби. А ти, штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа“. 33 Тогаш Петар му рече: „Господару, спремен сум да одам со тебе и во затвор и во смрт“. 34 А тој одговори: „Ти велам, Петре, пред петелот да запее денес, ти трипати ќе одречеш дека ме познаваш“.
35 Уште им рече: „Кога ве испратив да проповедате без да носите пари, торба со храна и сандали, дали нешто ви недостасуваше?“ Тие одговорија: „Не“. 36 Тогаш им рече: „Но сега, кој има пари, нека ги земе, а нека земе и торба со храна. А кој нема меч, нека ја продаде својата наметка и нека си купи. 37 Зашто, ви велам дека мора да ми се случи она што е напишано: ’Беше вброен меѓу злосторниците‘.* Зашто, тие зборови се исполнуваат на мене“. 38 Тогаш рекоа: „Господару, овде имаме два меча“. А тој им рече: „Доволно е“.
39 Потоа излезе и, како и обично, отиде на Маслинската Гора, а по него тргнаа и учениците. 40 Кога дојдоа таму, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение“. 41 Потоа се оддалечи од нив, колку што може да се дофрли со камен, па клекна и почна да се моли: 42 „Татко, ако сакаш, тргни ја оваа чаша* од мене. Но нека не биде мојата волја, туку твојата“. 43 Тогаш му се појави ангел од небото и го зајакна. 44 Но толку му беше тешко што се молеше уште посесрдно. Потта му стана како капки крв што паѓаа на земјата. 45 Откако се помоли, отиде кај учениците и ги најде како спијат, исцрпени од тага. 46 И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во искушение“.
47 Додека уште зборуваше, се појави толпа која ја водеше Јуда, еден од 12-те апостоли. И тој му пријде на Исус и го бакна. 48 А Исус му рече: „Јуда, зарем со бакнеж го предаваш Синот човечки?“ 49 Кога оние што беа околу него видоа што се случува, рекоа: „Господару, да ги нападнеме ли со меч?“ 50 А еден од нив замавна со мечот и му го отсече десното уво на робот на првосвештеникот. 51 Тогаш Исус рече: „Престанете!“ И го допре увото на човекот и го излекува. 52 А на главните свештеници, на заповедниците на храмската стража и на старешините, кои дојдоа да го фатат, Исус им рече: „Зарем сум разбојник, па дојдовте со мечеви и со стапови? 53 Секој ден бев со вас во храмот, и не ме фативте. Но сега е вашето време и времето кога владее темнината“.
54 Тогаш го фатија и го одведоа во куќата на првосвештеникот, а Петар ги следеше оддалеку. 55 Некои луѓе запалија оган среде дворот и седнаа наоколу, а Петар седна со нив. 56 Кога го виде како седи покрај огнот, една слугинка внимателно го погледна и рече: „И овој човек беше со него“. 57 Но тој го одрече тоа: „Не го познавам, жено!“ 58 Кратко потоа го виде некој друг и рече: „И ти си еден од нив!“ А Петар одговори: „Не, не сум!“ 59 По околу еден час, еден друг човек почна упорно да тврди: „Сигурно и овој човек беше со него, бидејќи е Галилеец!“ 60 А Петар рече: „Човеку, не знам за што зборуваш!“ И во истиот момент, додека уште зборуваше, запеа петелот. 61 Тогаш Господарот се заврте и го погледна Петар, а Петар се сети на зборовите што му ги рече Господарот: „Пред петелот да запее денес, ти трипати ќе се одречеш од мене“. 62 И излезе надвор и горко плачеше.
63 А луѓето што го чуваа Исус почнаа да го исмеваат и да го удираат. 64 Му го покрија лицето и му велеа: „Ако си пророк, кажи кој те удри!“ 65 И го навредуваа со многу други погрдни зборови.*
66 А кога се раздени, се собраа народните старешини — главните свештеници и познавачите на Законот* — па го доведоа во салата на Судскиот совет* и рекоа: 67 „Ако си Христос, кажи ни“. А тој им рече: „И да ви кажам, нема да верувате. 68 И ако ве прашам, нема да одговорите. 69 Но отсега Синот човечки ќе седи од десната страна на Моќниот Бог“. 70 Тогаш сите рекоа: „Значи, ти си Синот Божји?“ Тој им одговори: „Вие сами велите дека сум“. 71 А тие рекоа: „Што ќе ни е друго сведоштво? Со свои уши чувме што рече“.