Јован
11 Еден човек по име Лазар беше болен. Тој беше од Витанија, селото во кое живееја Марија и нејзината сестра Марта. 2 Тоа беше таа Марија која подоцна излеа врз Господарот мирисливо масло и му ги избриша нозете со својата коса. Лазар, кој беше болен, беше нејзин брат. 3 Затоа, неговите сестри испратија човек да му каже на Исус: „Господару, твојот сакан пријател е болен“. 4 Кога го слушна тоа, Исус рече: „Оваа болест на крај нема да заврши со смрт, туку ќе му донесе слава на Бог, за Божјиот Син да се прослави преку неа“.
5 А Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар. 6 Но кога слушна дека Лазар е болен, остана уште два дена во местото каде што беше. 7 Потоа им рече на учениците: „Да појдеме пак во Јудеја“. 8 А учениците го прашаа: „Учителе,* Јудејците штотуку сакаа да те каменуваат. Зар пак ќе одиш таму?“ 9 Исус одговори: „Нели дневната светлина трае 12 часа? Кој оди дење, не се сопнува, бидејќи ја гледа светлината на овој свет. 10 Но кој оди ноќе, се сопнува, бидејќи нема светлина во него“.
11 Откако го кажа тоа, додаде: „Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам“. 12 Тогаш учениците му рекоа: „Господару, ако спие, ќе оздрави“. 13 Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие си мислеа дека сака да им каже дека Лазар навистина спие. 14 Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре. 15 Заради вас се радувам што не бев таму, за вашата вера да биде уште поцврста. Но, ајде да појдеме кај него“. 16 Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на останатите ученици: „Да појдеме и ние, да умреме со него!“
17 Кога Исус стигна, му рекоа дека Лазар веќе четири дена е во гробот. 18 А Витанија беше оддалечена од Ерусалим само околу три километри.* 19 И многу Евреи веќе беа дојдени кај Марта и Марија за да ги утешат поради смртта на нивниот брат. 20 Кога слушна дека доаѓа Исус, Марта му излезе во пресрет, а Марија остана дома. 21 Марта му рече на Исус: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре. 22 Но и сега знам дека Бог ќе ти даде сѐ што ќе побараш од него“. 23 Тогаш Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе стане“. 24 Марта му одговори: „Знам дека ќе стане за време на воскресението во последниот ден“. 25 А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот. Кој верува во мене, дури и да умре, ќе оживее. 26 И секој што живее и верува во мене, нема никогаш да умре. Веруваш ли во тоа?“ 27 Таа му одговори: „Да, Господару, верувам дека ти си Христос, Божјиот Син, оној што требаше да дојде во светот“. 28 Кога го рече тоа, отиде да ја викне својата сестра Марија, и ѝ шепна: „Учителот е овде и те вика“. 29 Кога го слушна тоа, Марија бргу стана и тргна кон него.
30 А Исус уште не беше дојден во селото, туку сѐ уште беше на местото каде што го сретна Марта. 31 Кога Евреите кои беа со Марија во куќата за да ја утешат видоа дека бргу стана и излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот за да плаче таму. 32 А кога Марија дојде таму каде што беше Исус и го здогледа, се фрли пред неговите нозе и му рече: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. 33 Кога Исус виде како плачат таа и Евреите што дојдоа со неа, сиот потресен длабоко воздивна* и многу се натажи. 34 И праша: „Каде го положивте?“ Тие му одговорија: „Господару, дојди и види“. 35 Тогаш Исус се расплака. 36 Кога го видоа тоа, Евреите рекоа: „Гледајте колку го сакал!“ 37 А некои од нив рекоа: „Зарем овој човек, кој му го врати видот на слепиот, не можеше да ја спречи смртта на Лазар?“
38 Тогаш Исус повторно длабоко воздивна, сиот потресен, и отиде до гробницата. Тоа, всушност, беше пештера, а влезот беше затворен со камен. 39 Исус заповеда: „Тргнете го каменот!“ А Марта, сестрата на умрениот, му рече: „Господару, сега веќе сигурно мириса, бидејќи поминаа четири дена откако умре“. 40 А Исус ѝ рече: „Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ 41 Тогаш го тргнаа каменот. А Исус погледна кон небото и рече: „Татко, ти благодарам што ме услиши. 42 Јас знам дека секогаш ме услишуваш, но ова го реков заради народот што е овде, за да верува дека ти ме испрати“. 43 Откако го рече тоа, извика на сет глас: „Лазаре, излези!“ 44 И умрениот излезе. Нозете и рацете му беа завиткани со завои, а лицето му беше завиткано со платно. Тогаш Исус им рече: „Одвиткајте го, за да може да оди“.
45 Така, многу од Евреите кои беа дојдени кај Марија и кои видоа што направи тој поверуваа во него. 46 Но некои од нив отидоа кај фарисеите и им раскажаа што направи Исус. 47 Затоа, главните свештеници и фарисеите го свикаа Судскиот совет* и рекоа: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! 48 Ако го оставиме да продолжи така, сите ќе поверуваат во него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги земат и нашиот храм и нашиот народ“. 49 Но еден од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не разбирате! 50 Зарем не сфаќате дека за вас е подобро да умре еден човек за народот отколку целиот народ да настрада?“ 51 Меѓутоа, тоа не го рече сам од себе. Бидејќи таа година беше првосвештеник, прорече дека Исус треба да умре за народот, 52 и не само за народот туку и за да ги обедини Божјите деца кои се распрснати. 53 И од тој ден почнаа да се договараат како да го убијат.
54 Затоа Исус повеќе не се движеше јавно меѓу Евреите. Оттаму замина во крајот близу до пустината, во градот кој се вика Ефрем, и остана таму со учениците. 55 А се приближуваше еврејската Пасха, и многу луѓе од околните села отидоа во Ерусалим пред Пасхата за обредно да се очистат. 56 Го бараа Исус и си зборуваа еден на друг додека беа во храмот: „Што мислите? Дали воопшто ќе дојде на празникот?“ 57 А главните свештеници и фарисеите наредија секој што ќе дознае каде е Исус да ги извести за да можат да го фатат.*