Матеј
13 Тој ден, Исус излезе од куќата и седна покрај езерото. 2 И околу него се собра многу народ, па затоа тој влезе во еден чамец и седна, а народот стоеше на брегот. 3 Тогаш почна да ги поучува за многу работи користејќи споредби. Па рече: „Еден сејач излезе да сее. 4 Додека сееше, дел од семето падна покрај патот, па дојдоа птици и го исколваа. 5 Дел од него падна на каменита почва, каде што немаше доволно земја. И веднаш никна, зашто земјата не беше длабока. 6 Но, кога излезе сонцето, ги спржи стебленцата, и се исушија бидејќи немаа корен. 7 Друг дел падна меѓу трње, и трњето израсна и ги задуши стебленцата. 8 А дел од семето падна на добра почва и почна да дава плод — едно 100, друго 60, а трето 30 пати повеќе од посеаното. 9 Кој има уши, нека слуша“.
10 И учениците дојдоа и го прашаа: „Зошто им зборуваш со споредби?“ 11 Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на Царството небесно, но ним не им е дадено. 12 Зашто, на оној што има, ќе му се даде уште, и ќе има во изобилство, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има. 13 Затоа им зборувам со споредби, зашто гледаат, ама како да не гледаат, и слушаат, ама како да не слушаат, ниту пак разбираат. 14 На нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ’Ќе слушате, но нема да разберете, и ќе гледате, но нема да видите. 15 Зашто, срцето на овој народ е бесчувствително. Слушаат, но не реагираат, си ги покриваат ушите и си ги затвораат очите за ништо да не видат и ништо да не слушнат, за да не разберат со срцето и да не се вратат кај мене, па да ги излекувам‘.
16 Но среќни сте вие, бидејќи вашите очи гледаат и вашите уши слушаат. 17 Зашто, вистина ви велам, многу пророци и други праведни луѓе сакаа да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го слушнат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.
18 А сега слушнете ја споредбата за сејачот. 19 Кај оној што ја слуша речта за Царството, но не ја разбира, доаѓа Злобниот и го грабнува она што му е посеано во срцето. Тоа е семето што е посеано покрај патот. 20 А она што е посеано на каменита почва, тоа е оној што ја слуша речта и веднаш ја прифаќа со радост. 21 Но бидејќи таа не пушта корен во неговото срце, тој верува само некое време, а кога ќе доживее неволја или прогонство поради речта, веднаш ја губи верата. 22 А она што е посеано меѓу трње, тоа е оној што ја слуша речта, но грижите во овој свет* и примамливото богатство ја задушуваат речта, па таа останува без плод. 23 А она што е посеано на добра почва, тоа е оној што ја слуша речта и ја разбира, па дава плод — еден 100, друг 60, а трет 30 пати повеќе од посеаното“.
24 Им кажа уште една споредба: „Царството небесно може да се спореди со човек кој посеа добро семе на својата нива. 25 Додека сите спиеја, дојде неговиот непријател, посеа какол меѓу пченицата и си отиде. 26 Кога пченицата изникна и даде плод, се појави и каколот. 27 Тогаш робовите на тој човек дојдоа кај него и му рекоа: ’Господару, нели посеа добро семе на својата нива? Тогаш, од каде е овој какол?‘ 28 А тој им рече: ’Тоа го направил некој непријател‘. Тогаш тие му рекоа: ’Сакаш ли да одиме и да го искорнеме каколот?‘ 29 А тој одговори: ’Не, за да не ја искорнете случајно со него и пченицата. 30 Нека растат заедно до жетвата, а кога ќе дојде време за жетва, ќе им кажам на жетварите најпрво да го соберат каколот, да го врзат во снопови и да го изгорат, а потоа да ја соберат пченицата во мојот амбар‘“.
31 Им кажа уште една споредба: „Царството небесно може да се спореди со синапово зрно, кое човек го посеа на својата нива. 32 Иако е најмалото од сите семиња, кога ќе израсне, тоа е најголемо од сите растенија во градината и станува како дрво, па птиците доаѓаат и прават гнезда на неговите гранки“.
33 Им раскажа уште една споредба: „Царството небесно може да се спореди со квасец што една жена го замеси со 10 килограми брашно, и целото тесто нарасна“.
34 Исус му го кажа сето тоа на народот со споредби. Секогаш им зборуваше со споредби, 35 и така се исполни она што беше кажано преку пророкот: „Ќе зборувам со споредби, ќе го објавувам она што е скриено од почетокот“.*
36 Тогаш ги испрати луѓето да си одат и влезе во куќата. А неговите ученици дојдоа кај него и му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата“. 37 Тогаш тој рече: „Сејачот на доброто семе е Синот човечки, 38 нивата е светот, доброто семе се синовите на Царството, каколот се синовите на Злобниот, 39 а непријателот што го посеа каколот е Ѓаволот. Жетвата се последните денови на овој свет,* а жетварите се ангелите. 40 Според тоа, како што се собира каколот и се гори во оган, така ќе биде во последните денови на овој свет. 41 Синот човечки ќе ги испрати своите ангели, и тие ќе ги соберат од неговото Царство сите оние што ги наведуваат другите на грев* и оние што прават лоши работи, 42 па ќе ги фрлат во вжарена печка. Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите. 43 Тогаш праведните ќе светат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши, нека слуша.
44 Царството небесно може да се спореди со богатство скриено во нива, кое човек го наоѓа и пак го сокрива. Потоа од радост оди и продава сѐ што има, па ја купува таа нива.
45 Царството небесно може да се спореди и со трговец што патува и бара убави бисери. 46 Штом ќе најде еден скапоцен бисер, оди и веднаш продава сѐ што има и го купува.
47 Исто така, Царството небесно може да се спореди со мрежа фрлена во морето, во која се собираат секакви риби. 48 Кога ќе се наполни, рибарите ја извлекуваат на брегот, седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. 49 Така ќе биде во последните денови на овој свет. Ангелите ќе дојдат и ќе ги одвојат злобните од праведните 50 и ќе ги фрлат злобните во вжарена печка. Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите.
51 Дали го разбравте сето ова?“ Тие му рекоа: „Да“. 52 Потоа им рече: „Затоа, секој учител кој е поучен за Царството небесно е како човек, домаќин, кој од својата ризница изнесува и ново и старо“.
53 Кога ги раскажа овие споредби, Исус си замина оттаму. 54 Потоа дојде во својот роден крај, па почна да ги поучува луѓето во синагогата, така што тие беа восхитени и рекоа: „Од каде има овој човек мудрост и моќ за да прави такви чуда? 55 Нели е ова синот на дрводелецот? И мајка му нели се вика Марија, а неговите браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? 56 Не живеат ли тука и неговите сестри? Од каде му е тогаш сето тоа?“ 57 И не сакаа да веруваат во него. Но Исус им рече: „Пророкот е почитуван секаде, освен во својот роден крај и во својот дом“. 58 И не направи многу чуда таму затоа што немаа вера.