Матеј
16 Тогаш кај него дојдоа фарисеите и садукеите. За да го искушаат, побараа од него да им покаже знак од небото. 2 А тој им рече: „Приквечер велите: ’Времето ќе биде убаво, зашто небото е црвено‘. 3 А наутро велите: ’Денес ќе биде студено и дождливо, зашто небото е црвено, но мрачно‘. Знаете да кажете какво ќе биде времето според тоа какво е небото, а не разбирате што значат настаните што се случуваат сега. 4 Ова злобно и неверно* поколение постојано бара знак, но нема да му се даде никаков друг знак, освен знакот на Јона“. Тогаш си замина и ги остави.
5 Учениците преминаа на брегот на другата страна, но заборавија да си земат леб. 6 А Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите“. 7 Затоа почнаа да си зборуваат меѓу себе: „Тоа го вели затоа што не зедовме леб“. 8 А Исус знаеше за што зборуваат, па им рече: „Зошто зборувате за тоа што немате леб? Каде ви е верата? 9 Уште ли не сфаќате? Не се сеќавате ли како со пет леба нахранив 5.000 мажи и колку кошници наполнивте? 10 Или како со седум леба нахранив 4.000 мажи и колку големи кошници наполнивте? 11 Како не сфаќате дека не ви зборував за леб, туку дека треба да се чувате од квасецот на фарисеите и садукеите?“ 12 Тогаш сфатија дека не им рече да се чуваат од лебниот квасец, туку од учењата на фарисеите и садукеите.
13 Кога дојде во подрачјето на Цезареја Филипова, Исус ги праша своите ученици: „Што велат луѓето, кој е Синот човечки?“ 14 Тие одговорија: „Некои велат дека си Јован Крстител, некои дека си Илија, а други дека си Еремија или некој друг пророк“. 15 Тогаш ги праша: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ 16 Симон Петар одговори: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“. 17 Тогаш Исус му рече: „Среќен си ти, Симоне, сине на Јона, зашто тоа не ти го откри човек,* туку мојот Татко, кој е на небото. 18 А јас тебе ти велам: ти си Петар.* На оваа карпа ќе го изградам моето собрание,* и портите на гробот* нема да го победат. 19 Ќе ти ги дадам клучевите на Царството небесно, и што и да врзеш на земјата, тоа веќе ќе е врзано на небото, и што и да одврзеш на земјата, тоа веќе ќе е одврзано на небото“. 20 Тогаш строго им заповеда на учениците никому да не кажуваат дека тој е Христос.
21 Оттогаш Исус почна да им објаснува на своите ученици дека мора да оди во Ерусалим и да претрпи многу маки од старешините, од главните свештеници и од познавачите на Законот,* па да биде убиен и на третиот ден да воскресне. 22 А Петар го тргна настрана и почна да го прекорува: „Биди добар кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе“. 23 А тој му го сврте грбот на Петар и му рече: „Тргни се од пред мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“.
24 Тогаш Исус им рече на своите ученици: „Ако некој сака да појде по мене, нека се откаже од себе, нека го земе својот маченички столб* и нека оди по мене. 25 Зашто, кој сака да си го спаси животот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот заради мене, ќе го спаси. 26 Навистина, што му вреди на човекот да го добие целиот свет, ако го изгуби животот? Или, што може човек да даде во замена за својот живот? 27 Зашто, Синот човечки ќе дојде со своите ангели во славата на својот Татко, и тогаш ќе му даде секому според неговите дела. 28 Вистина ви велам, некои од оние што стојат овде нема да умрат додека не го видат Синот човечки како доаѓа во своето Царство“.