Поголеми благослови преку новиот завет
„Он [Исус, NW] . . . е и посредник на подобар завет“ (ЕВРЕИТЕ 8:6).
1. Кој се покажал како ‚семе на жената‘ ветено во Едем, и како му била ‚повредена петицата‘?
ОТКАКО згрешиле Адам и Ева, Јехова објавил пресуда врз Сатана, оној кој ја завел Ева, велејќи: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, NW). Кога Исус бил крстен во реката Јордан во 29 н. е., Семето ветено во Едем најпосле се појавило. При неговата смрт на маченички столб во 33 н. е., се исполнил дел од тоа древно пророштво. Сатана му ја ‚повредил петицата‘ на Семето.
2. Според Исусовите сопствени зборови, на кој начин неговата смрт му користи на човештвото?
2 За среќа, таа рана, иако мачно болна, не била трајна. Исус бил подигнат од мртвите како бесмртен дух и се вознел кај својот Татко на небото, каде што ја принел вредноста на својата пролеана крв како „откуп за мнозина“. На тој начин, се обистиниле неговите сопствени зборови: „Така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Матеј 20:28; Јован 3:14—16; Евреите 9:12—14). Новиот завет игра клучна улога во исполнувањето на Исусовото пророштво.
Новиот завет
3. Кога првпат бил виден во дејство новиот завет?
3 Кратко пред својата смрт, Исус им рекол на своите следбеници дека неговата пролеана крв е ‚крвта на Новиот завет‘ (Матеј 26:28; Лука 22:20). Десет дена откако се вознел на небото, новиот завет бил виден како дејствува кога врз 120-тина ученици, кои биле собрани во една горна соба во Ерусалим, бил излиен светиот дух (Дела 1:15, 16а; 2:1—4). Доведувањето на овие 120 ученици во новиот завет покажало дека „првиот“ завет, заветот на Законот, сега бил застарен (Евреите 8:13).
4. Дали стариот завет потфрлил? Објасни.
4 Дали стариот завет потфрлил? Воопшто не. Вистина, бидејќи тој сега бил заменет, телесниот Израел повеќе не бил Божји посебен народ (Матеј 23:38). Но, тоа било поради непослушноста на Израел и поради отфрлањето на Јеховиниот Помазаник (2. Мојсеева 19:5; Дела 2:22, 23). Меѓутоа, пред да биде заменет Законот, тој извршил многу. Со векови, тој обезбедувал пат за пристапување кон Бог, како и заштита од лажната религија. Тој содржел претслики на новиот завет и, со неговите повторливи жртви, ја покажувал очајната потреба на човекот од откупување од грев и смрт. Всушност, Законот бил „воспитувач кој води до Христос“ (Галатјаните 3:19, 24, NW; Римјаните 3:20; 4:15; 5:12; Евреите 10:1, 2). Меѓутоа, токму преку новиот завет, благословот ветен до Авраам требало да се исполни во потполност.
Нациите благословени преку Авраамовото семе
5, 6. Во основното, духовно исполнување на авраамскиот завет, кој е Семето на Авраам, и која нација била првата што добила благослов преку него?
5 Јехова му ветил на Авраам: „Ќе бидат благословени преку потомството [семето, NW] твое сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:18). Под стариот завет, многу туѓинци со кротки срца биле благословени преку своето дружење со Израел, националното семе на Авраам. Меѓутоа, во своето основно духовно исполнување, Семето на Авраам било еден совршен човек. Павле го објаснил ова кога рекол: „Ветувањата му беа дадени на Авраама и на семето негово. Не е речено: ‚и на семињата‘, како на мнозина, а за еден: ‚и на семето твое‘, кое е Христос“ (Галатјаните 3:16).
6 Да, Исус е Семето на Авраам, и преку Него нациите добиваат благослов што е далеку посупериорен од сѐ друго што е можно за телесниот Израел. Всушност, првата нација што го добила овој благослов бил самиот Израел. Набргу после Пентакост 33 н. е., на една група Евреи апостол Петар ѝ рекол: „Вие сте синови на пророците и на заветот, што Бог им го беше ветил на вашите татковци, велејќи му на Авраама: ‚И во потомството [семето, NW] твое ќе бидат благословени сите народи на земјата‘. Бог, откако Го воздигна Својот Син Исуса, најнапред вам ви Го прати, за да ве благослови, та секој од вас да се одврати од своите злобни работи“ (Дела 3:25, 26).
7. Кои нации биле благословени преку Исус, Семето на Авраам?
7 Набргу, благословот бил раширен до Самарјаните и потоа до не-Евреите (Дела 8:14—17; 10:34—48). Некаде помеѓу 50 и 52 н. е., Павле им напишал на христијаните во Галатија во Мала Азија: „Писмото, како што предвидуваше, оти Бог преку вера ги оправдува иноверците [луѓето од нациите, NW], однапред му благовести на Авраама: ‚Во тебе ќе бидат благословени сите народи‘. И така, оние, што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам“ (Галатјаните 3:8, 9; 1. Мојсеева 12:3). Иако многу христијани во Галатија биле „луѓе од нациите“, тие биле благословени преку Исус поради нивната вера. На кој начин?
8. Што вклучувало за христијаните од времето на Павле тоа што биле благословени преку Авраамовото Семе, и колкумина на крајот добиваат таков благослов?
8 Без разлика од какво потекло биле, на галатиските христијани Павле им рекол: „А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3:29). За тие Галатјани, благословот преку Авраамовото Семе вклучувало да бидат учесници во новиот завет и да бидат сонаследници со Исус, придружници со Исус во Семето на Авраам. Ние не го знаеме населението на древниот Израел. Знаеме само дека било ‚многубројно како песокта при морето‘ (3. Царства 4:20). Меѓутоа, го знаеме конечниот број на Исусовите придружници во духовното семе — 144.000 (Откровение 7:4; 14:1). Тие 144.000 излегуваат од „секое колено, јазик, народ и племе“ на човештвото и учествуваат во давањето на благословите од авраамскиот завет на многу други (Откровение 5:9).
Едно пророштво е исполнето
9. На кој начин оние во новиот завет го имаат Јеховиниот закон во нив?
9 Кога го претскажувал новиот завет, Јеремија напишал: „Еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни“ (Јеремија 31:33). Карактеристика за оние во новиот завет е дека тие му служат на Јехова од љубов (Јован 13:35; Евреите 1:9). Јеховиниот закон е напишан во нивните срца и тие горливо посакуваат да ја вршат неговата волја. Вистина, во древниот Израел, некои верни поединци силно го љубеле Јеховиниот закон (Псалм 118:97). Но, мнозина не го љубеле. Сепак, тие останале дел од нацијата. Никој не може да остане во новиот завет ако во неговото срце не е напишан Божјиот закон.
10, 11. На кој начин Јехова им ‚станува Бог‘ на оние во новиот завет, и како ќе го познаваат сите тие?
10 За оние во новиот завет, Јехова понатаму рекол: „Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Јеремија 31:33). Во древниот Израел, мнозина ги обожавале боговите на нациите, но тие останале Израелци. На темел на новиот завет, Јехова создал една духовна нација, „Израилот Божји“, за да го замени телесниот Израел (Галатјаните 6:16; Матеј 21:43; Римјаните 9:6—8). Меѓутоа, никој не останува дел од новата духовна нација ако престане да го обожава само Јехова.
11 Јехова исто така рекол: „Сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат“ (Јеремија 31:34). Во древниот Израел мнозина едноставно го игнорирале Јехова, всушност велејќи: „Господ не прави ни добро ни лошо“ (Софонија 1:12). Никој не останува дел од Божјиот Израел ако го игнорира Јехова или го загадува чистото обожавање (Матеј 6:24; Колосјаните 3:5). Духовните Израелци се „луѓето кои Го почитуваат [познаваат, NW] својот Бог“ (Даниил 11:32). Тие се восхитуваат да ‚примаат спознание за единствениот вистинит Бог и за Исус Христос‘ (Јован 17:3, NW). Познавањето на Исус го продлабочува нивното спознание за Бог, бидејќи на единствен начин Исус е ‚оној кој го објаснил [Бог]‘ (Јован 1:18, NW; 14:9—11).
12, 13. а) Врз која основа Јехова им ги простува гревовите на оние во новиот завет? б) Што се однесува до простувањето на гревовите, на кој начин новиот завет е посупериорен од стариот завет?
12 Конечно, Јехова ветил: „Ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“ (Јеремија 31:34б). Мојсеевиот Закон вклучувал стотици пишани одредби за кои Израелците биле повикани да ги слушаат (5. Мојсеева 28:1, 2, 15). Сите кои го прекршувале Законот принесувале жртви за да ги покријат своите гревови (3. Мојсеева 4:1—7; 16:1—31). Многу Евреи постепено поверувале дека би можеле да станат праведни преку своите сопствени дела според Законот. Сепак, христијаните сфаќаат дека не можат никогаш да заработат праведност преку своите сопствени дела. Тие не можат да избегнат да грешат (Римјаните 5:12). Под новиот завет, праведна положба пред Бог е можна само на темел на Исусовата жртва. Меѓутоа, таквата положба е дар, незаслужена љубезност од Бог (Римјаните 3:20, 23, 24). Јехова сѐ уште изискува послушност од своите слуги. Павле вели дека оние во новиот завет се „под законот на [спрема, NW] Христа“ (1. Коринтјаните 9:21).
13 Според тоа, и за христијаните постои жртва за грев, но жртва од далеку поголема вредност отколку жртвите под заветот на Законот. Павле напишал: „Секој свештеник [под заветот на Законот] стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои што никогаш не можат да ги премавнат гревовите; а [Исус], принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога“ (Евреите 10:11, 12). Поради тоа што христијаните во новиот завет практикуваат вера во Исусовата жртва, Јехова ги прогласува за праведни, без грев, и на тој начин се во положба да бидат помазани како негови духовни синови (Римјаните 5:1; 8:33, 34; Евреите 10:14—18). Кога грешат поради човечка несовршеност, можат да молат за Јеховино простување и, на темел на Исусовата жртва, Јехова им простува (1. Јованово 2:1, 2). Меѓутоа, ако изберат правец на намерен грев, ја губат својата праведна положба и предноста да бидат учесници во новиот завет (Евреите 2:2, 3; 6:4—8; 10:26—31).
Стариот завет и новиот
14. Какво обрежување се барало под заветот на Законот? под новиот завет?
14 Машките во стариот завет биле обрежувани како знак дека се под Законот (3. Мојсеева 12:2, 3; Галатјаните 5:3). Откако почнало христијанското собрание, некои мислеле дека не-еврејските христијани треба исто така да бидат обрежувани. Но, апостолите и старешините во Ерусалим, водени од Божјата Реч и од светиот дух, согледале дека ова не било неопходно (Дела 15:1, 5, 28, 29). Неколку години подоцна, Павле рекол: „Не е оној Јудеец, кој е таков по надворешност, ниту по обрезанието, кое е надворешно, врз плотта, туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква“ (Римјаните 2:28, 29). Дословното обрежување, дури и за телесните Евреи, немало натамошна духовна вредност во Јеховините очи. За оние во новиот завет мора да се обреже срцето, а не телото. Сѐ во нивното размислување, желби и мотивација што предизвикува незадоволство или е нечисто во Јеховини очи, мора да биде одрежано.a Мнозина денес се живо сведоштво за моќта на светиот дух да ги преобразува обрасците на размислување на овој начин (1. Коринтјаните 6:9—11; Галатјаните 5:22—24; Ефесјаните 4:22—24).
15. На кој начин телесниот Израел и Божјиот Израел се споредуваат во поглед на царското владетелство?
15 Во подготовката на заветот на Законот, Јехова бил Цар на Израел, а со текот на времето, својата сувереност ја спроведувал преку човечки цареви во Ерусалим (Исаија 33:22). Јехова исто така е Цар на Божјиот Израел, духовниот Израел и, од 33 н. е., тој владее преку Исус Христос кој добил „секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18; Ефесјаните 1:19—23; Колосјаните 1:13, 14). Денес, Божјиот Израел го признава Исус како Цар на Божјето небесно Царство што било воспоставено во 1914. Исус е далеку подобар Цар дури и од Езекија, Јосиј и други верни цареви од древниот Израел (Евреите 1:8, 9; Откровение 11:15).
16. Каков вид свештенство е Божјиот Израел?
16 Израел не само што бил царство туку имал и помазано свештенство. Во 33 н. е., Божјиот Израел го заменил телесниот Израел и станал Јеховин „слуга“, негови „сведоци“ (Исаија 43:10). Јеховините зборови до Израел, запишани во Исаија 43:21 и во 2. Мојсеева 19:5, 6, оттогаш па наваму се применувале на духовниот Израел Божји. Божјата нова духовна нација сега била „род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени“, одговорни за ‚возвестувањето на [Јеховините, NW] совршенства‘ (1. Петрово 2:9). Сите во Божјиот Израел, мажи и жени, формираат едно колективно свештенство (Галатјаните 3:28, 29). Како второстепен дел од Семето на Авраам, тие сега велат: „Веселете се, незнабошци, со Неговиот народ“ (5. Мојсеева 32:43). Оние од духовниот Израел кои сѐ уште се на Земјата, го сочинуваат ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47, NW). Само во заедница со нив може да му се принесува прифатлива света служба на Бог.
Божјето Царство — конечното исполнување
17. Какво раѓање доживуваат оние во новиот завет?
17 Израелците родени после 1513 пр. н. е., доаѓале во заветот на Законот при раѓањето. Оние, кои Јехова ги зема во новиот завет, исто така доживуваат раѓање — во нивниот случај, едно духовно раѓање. Исус му го споменал ова на фарисејот Никодим кога рекол: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора [повторно, NW], не може да го види царството Божјо“ (Јован 3:3). 120-те ученици на Пентакост 33 н. е. биле првите несовршени луѓе кои го доживеале ова ново раѓање. Прогласени за праведни под новиот завет, тие примиле свет дух како „залог“ за нивното кралско наследство (Ефесјаните 1:14). Биле ‚родени од Дух‘ за да станат усвоени синови Божји, кое ги направило Исусови браќа и на тој начин „придружни наследници со Христос“ (Јован 3:6; Римјаните 8:16, 17, NW). Тоа што биле ‚повторно родени‘, го отворило патот за прекрасни изгледи.
18. За какви прекрасни изгледи им се отвора врата на оние во новиот завет со тоа што се повторно родени?
18 Кога го посредувал новиот завет, Исус склучил еден додатен завет со своите следбеници, велејќи: „Јас склучувам со вас завет, токму како што мојот Татко склучил со мене завет, за царство“ (Лука 22:29, NW). Овој завет за Царство го подготвил патот за исполнување на една значајна визија, забележана во Даниил 7:13, 14, 22, 27. Даниил видел дека на некој, ‚како Синот Човечки‘, му се дава царски авторитет од страна на „Старецот“, Јехова Бог. Потоа Даниил видел дека ‚светиите го завладеале царството‘. Исус е оној кој е ‚како Синот Човечки‘, кој во 1914 го добил небесното Царство од Јехова Бог. Неговите ученици помазани со дух се „светиите“ кои учествуваат со него во тоа Царство (1. Солунјаните 2:12). Како?
19, 20. а) Какво конечно, славно исполнување ќе има Јеховиното ветување до Авраам за оние во новиот завет? б) Кои натамошни прашања треба да се разгледаат?
19 После нивната смрт, овие помазаници како Исус се кренати од мртвите како бесмртни духовни суштества за да служат со него на небото како цареви и свештеници (1. Коринтјаните 15:50—53; Откровение 20:4, 6). Каква само славна надеж! „Тие треба да владеат како цареви над Земјата“, а не само над Хананската земја (Откровение 5:10, NW). Дали ќе ги ‚поседуваат портите на своите непријатели‘? (1. Мојсеева 22:17, NW). Да, и тоа на еден одлучен начин, кога ќе посведочат за уништувањето на непријателската религиозна блудница, Големиот Вавилон, и кога овие воскреснати помазаници ќе учествуваат со Исус во пасењето на нациите ‚со железен жезал‘ и во здробувањето на главата на Сатана. На тој начин, ќе имаат удел во исполнувањето на конечниот детаљ од пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 (Откровение 2:26, 27; 17:14; 18:20, 21; Римјаните 16:20).
20 Сепак, би можеле да прашаме: Дали авраамскиот завет и новиот завет ги вклучуваат само овие 144.000 верни души? Не, и други кои не се директно во овие завети ќе бидат благословени преку нив, како што ќе видиме во следната статија.
[Фусноти]
a Види Insight on the Scriptures, том 1, страница 470, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Дали се сеќаваш?
◻ Кога првпат бил виден во дејство новиот завет?
◻ Што било постигнато преку стариот завет?
◻ Кој првенствено е Авраамово Семе, и по кој редослед нациите биле благословувани преку тоа Семе?
◻ Кое е конечното исполнување на авраамскиот завет и на новиот завет за 144-те илјади?
[Слика на страница 15]
Простувањето на гревовите има подлабоко значење за оние под новиот завет отколку за оние под стариот завет