Лука
8 Кратко потоа, почна да оди од град во град и од село во село за да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство. Со него беа 12-те апостоли, 2 како и некои жени, кои беа ослободени од зли духови и беа излекувани: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум демони; 3 Јоана, жената на Хуза, кој беше одговорен за домот на Ирод; Сусана; и многу други жени. Тие го користеа она што го имаа за да им помагаат.
4 Кај него дојдоа луѓе од разни градови и се собра многу народ. Тогаш им кажа една споредба: 5 „Еден сејач излезе да сее семе. Додека сееше, дел од семето падна покрај патот, па луѓето го изгазија и птиците го исколваа. 6 Дел од него падна на каменито место, но кога никна, стебленцата се исушија, зашто немаше влага. 7 Друг дел падна меѓу трње, и трњето израсна заедно со стебленцата и ги задуши. 8 А дел од семето падна на добра почва, па никна и даде плод 100 пати повеќе од посеаното“. Откако го кажа тоа, гласно рече: „Кој има уши да слуша, нека слуша!“
9 Неговите ученици го прашаа што значи таа споредба. 10 Тој одговори: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на Божјето Царство, но за другите тоа се само споредби, за да гледаат, а да не видат, и да слушаат, а да не разберат. 11 А споредбата значи ова: семето е речта Божја. 12 Тоа што паднало покрај патот се оние што ја слушаат речта, но потоа доаѓа Ѓаволот и ја одзема речта од нивните срца за да не веруваат и да не бидат спасени. 13 Тоа што паднало на каменито место се оние што ја слушаат речта и ја прифаќаат со радост, но таа не пушта корен во нив. Веруваат само некое време, но кога ќе дојде искушение, ја губат верата. 14 А она што паднало меѓу трње, тоа се оние што ја слушаат речта, но се одвлечени од грижите, од богатството и од задоволствата на овој живот, кои ја задушуваат речта, па така тие не донесуваат плод. 15 А она што е посеано на добра почва, тоа се оние што имаат чисто и добро срце, па кога ќе ја чујат речта, цврсто се држат за неа и истрајно донесуваат плод.
16 Никој не пали светилка за да ја покрие со сад или за да ја стави под кревет, туку ја става на светилник за оние што влегуваат да ја видат светлината. 17 Нема ништо тајно што нема да се дознае и нема ништо скриено што нема да се открие и да излезе на виделина. 18 Затоа, внимавајте како слушате, зашто на оној што има, уште ќе му се даде, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има“.
19 А кај него дојдоа мајка му и неговите браќа, но поради народот не можеа да стигнат до него. 20 Тогаш некој му рече: „Мајка ти и твоите браќа се надвор и сакаат да те видат“. 21 Тој им одговори: „Моја мајка и мои браќа се тие што ја слушаат речта Божја и постапуваат според неа“.
22 Еден ден, тој и неговите ученици влегоа во еден чамец. И им рече: „Да преминеме на другата страна од езерото“. И така отпловија. 23 Додека пловеа, тој заспа. Тогаш над езерото се подигна силна бура и чамецот почна да се полни со вода, така што се најдоа во опасност. 24 Затоа го разбудија и му рекоа: „Учителе, Учителе, ќе загинеме!“ Тогаш тој стана, им нареди на ветрот и на разбеснетата вода да се смират, па тие стивнаа и настана тишина. 25 Потоа им рече: „Каде ви е верата?“ А тие беа многу исплашени, но и восхитени, па си велеа еден на друг: „Кој е овој човек? Им заповеда дури и на ветрот и на водата, и тие го слушаат!“
26 И допловија во герасинскиот крај, кој е спроти Галилеја. 27 Кога излезе од чамецот, го пресретна еден човек од градот. Тој човек беше обземен од демони и веќе подолго време не носеше облека и не живееше во куќа, туку на гробиштата. 28 Кога го здогледа Исус, извика и падна на колена пред него, па на сет глас му рече: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам, немој да ме мачиш!“ 29 (Зашто, Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот. Всушност, се случуваше демонот повеќе пати да го обземе,* и затоа човекот го врзуваа со синџири и го чуваа во окови, но тој ги кинеше оковите, и демонот го тераше да оди на пусти места.) 30 Исус го праша: „Како се викаш?“ Тој одговори: „Легија“,* бидејќи во него беа влегле многу демони. 31 И упорно го молеа да не им заповеда да одат во бездната. 32 А таму, на ридот, пасеше големо стадо свињи. Затоа демоните го преколнуваа да им дозволи да влезат во нив, и тој им дозволи. 33 Тогаш демоните излегоа од човекот и влегоа во свињите, а стадото јурна преку стрмната карпа во езерото и се удави. 34 Кога видоа што се случи, свињарите побегнаа и разгласија за тоа во градот и во околината.
35 Тогаш луѓето излегоа да видат што се случило. Дојдоа кај Исус и видоа дека човекот од кого беа излегле демоните седи облечен покрај нозете на Исус и дека веќе е при себе. И се исплашија. 36 А очевидците им раскажаа како беа истерани демоните од човекот. 37 Тогаш многу луѓе од герасинската околина го замолија Исус да си оди откај нив, затоа што многу се исплашија, па тој влезе во чамецот за да си оди. 38 А човекот од кого излегоа демоните го молеше да му дозволи и тој да појде со него. Но Исус не му дозволи, туку му рече: 39 „Врати се дома и раскажи им на сите што направи Бог за тебе“. Човекот си замина и раскажуваше по целиот град што направи Исус за него.
40 Кога Исус се врати во Галилеја, народот срдечно го пречека, затоа што сите го очекуваа. 41 Тогаш дојде еден човек по име Јаир, кој беше старешина* на синагогата. Се фрли на колена пред нозете на Исус и почна да го моли да дојде во неговата куќа, 42 бидејќи неговата ќерка единица, која имаше околу 12 години, беше на умирање.
Додека Исус одеше, мноштво луѓе се туркаа околу него. 43 Таму имаше и една жена која 12 години страдаше од крварење и никој не можеше да ја излекува. 44 Таа му пријде одзади и го допре работ на неговата облека, и крварењето веднаш ѝ престана. 45 А Исус праша: „Кој ме допре?“ Бидејќи сите негираа дека го допреле, Петар рече: „Учителе, гледаш дека народот те турка и те притиска“. 46 Но Исус рече: „Некој ме допре, бидејќи осетив дека од мене излезе сила“. 47 Кога виде дека не може да се крие, жената дојде треперејќи и падна на колена пред него, па пред целиот народ раскажа зошто го допрела и како во истиот момент оздравела. 48 А тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир“.
49 Додека уште зборуваше, дојде некој од домот на Јаир и рече: „Ќерка ти умре. Не мачи го веќе Учителот“. 50 Кога го слушна тоа, Исус му рече: „Не плаши се. Само верувај, и таа ќе биде добро“.* 51 Кога дојде во куќата, никому не му дозволи да влезе со него, освен на Петар, Јован и Јаков, како и на родителите на девојчето. 52 А сите плачеа и тажеа* за неа. Тогаш Исус рече: „Не плачете, зашто не е умрена, туку спие“. 53 Но тие му се потсмеваа, бидејќи знаеја дека е умрена. 54 А тој ја фати за рака и ѝ рече: „Девојче, стани!“ 55 Таа оживеа* и веднаш стана, а тој им заповеда да ѝ дадат нешто да јаде. 56 Нејзините родители беа избезумени од радост, но тој им заповеда никому да не кажуваат што се случило.