Лука
2 Во тоа време, цезарот Август издаде наредба да се попише целото население. 2 (Тоа беше првиот попис извршен во времето кога Квириниј беше управител на Сирија.) 3 И сите отидоа на попис, секој во својот град. 4 Така и Јосиф тргна од галилејскиот град Назарет и отиде во Јудеја, во Витлеем, родниот град на Давид, бидејќи потекнуваше од семејната лоза на Давид. 5 Отиде за да се попише со Марија, која тогаш веќе беше омажена за него и беше во доцна бременост. 6 Додека беа таму, дојде времето таа да се породи. 7 И роди син, својот првороден, па го пови и го стави во јасли, бидејќи немаше каде да преноќат.
8 Во тој крај имаше и овчари кои живееја на отворено и преку ноќ ги чуваа своите стада. 9 Одеднаш пред нив застана Јеховин ангел, и Јеховината слава блесна околу нив, и тие многу се уплашија. 10 А ангелот им рече: „Не плашете се! Дојдов да ви објавам добра вест, која ќе им донесе голема радост на сите луѓе. 11 Денес во Давидовиот град се роди вашиот спасител — Христос, Господарот.* 12 Еве како ќе го препознаете: ќе најдете бебе кое повиено лежи во јасли“. 13 И одеднаш покрај ангелот се појави голема небесна војска од ангели, која го фалеше Бог и велеше: 14 „Слава на Бог во висините, а на земјата мир меѓу луѓето што му се по волја!“*
15 Кога ангелите се вратија на небото, овчарите си рекоа еден на друг: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што Јехова ни кажа дека се случило“. 16 И брзо отидоа и ги најдоа Марија и Јосиф со бебето кое лежеше во јаслите. 17 Кога го видоа тоа, овчарите им го раскажаа она што ангелот им го кажа за детето. 18 И сите што го слушнаа она што им го кажаа овчарите беа восхитени. 19 А Марија ги чуваше сите тие зборови во своето срце и размислуваше за нив. 20 Потоа овчарите се вратија кај своите стада, па го славеа и го фалеа Бог за сето она што го слушнаа и го видоа, зашто се случи така како што им беше речено.
21 На осмиот ден, кога дојде време детето да биде обрежано, му го дадоа името Исус, името што ангелот му го даде уште пред Марија да забремени.
22 А кога дојде време за обредот за нивно очистување според Законот на Мојсеј, го донесоа во Ерусалим пред Јехова, 23 како што е напишано во Законот на Јехова: „Секое првородено машко дете нека му биде посветено на Јехова“. 24 И принесоа жртва според она што е напишано во Законот на Јехова: „Две грлици или два млади гулаби“.
25 А во Ерусалим имаше еден човек по име Симеон, кој беше праведен и побожен човек. Тој го чекаше времето кога Бог ќе му донесе утеха на израелскиот народ, и светиот дух беше врз него. 26 Освен тоа, Бог преку светиот дух му откри дека нема да умре додека не го види Јеховиниот Помазаник.* 27 Воден од духот, Симеон дојде во храмот. Кога родителите го внесоа малиот Исус за да го извршат обредот пропишан со Законот, 28 тој го зеде во раце, па почна да го фали Бог со зборовите: 29 „Севишен Господару, ти го исполни своето ветување, и сега твојот роб може да умре во мир. 30 Моите очи го видоа оној преку кого ќе го донесеш спасението, 31 оној што си го испратил за да го видат сите народи. 32 Тој е светлина, преку која народите ќе прогледаат, и слава на твојот народ Израел“. 33 А таткото и мајката на детето се восхитуваа на зборовите што ги слушнаа за него. 34 И Симеон ги благослови, а на Марија, мајката на детето, ѝ рече: „Поради ова дете, некои во Израел ќе паднат, а други ќе се подигнат. Иако ќе биде знак од Бог, многу луѓе ќе зборуваат против него. 35 Сето ова ќе се случи за да се открие што има во срцето на многумина. А тебе, меч ќе ти ја прободе душата“.
36 Во тоа време живееше и една пророчица, Ана, ќерка на Фануел, од племето на Асер. Таа беше во поодминати години. Откако се омажи,* седум години живееше со својот сопруг, 37 а потоа остана вдовица. Имаше 84 години и никогаш не изостануваше од храмот. Ден и ноќ му служеше на Бог,* така што постеше и сесрдно се молеше. 38 Во тој момент им пријде и почна да му благодари на Бог и да им зборува за детето на сите што го чекаа избавувањето на Ерусалим.
39 Кога извршија сѐ според Јеховиниот закон, Јосиф и Марија се вратија во Галилеја, во својот град Назарет. 40 А детето растеше и зајакнуваше, напредуваше во мудроста и ја имаше Божјата наклоност.
41 Неговите родители секоја година одеа во Ерусалим за празникот Пасха. 42 Кога имаше 12 години, отидоа во Ерусалим за празникот, како што обично правеа. 43 Кога заврши празникот и си тргнаа дома, Исус остана во Ерусалим, но неговите родители не го забележаа тоа. 44 Бидејќи мислеа дека е меѓу сопатниците, поминаа еден ден одење, па дури тогаш почнаа да го бараат меѓу роднините и познаниците. 45 Но не го најдоа, па се вратија во Ерусалим и насекаде го бараа. 46 По три дена го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања. 47 Сите што го слушаа се восхитуваа на неговите одговори и на тоа колку добро ги разбира работите. 48 Кога родителите го видоа, се зачудија. И мајка му му рече: „Сине, зошто ни го направи ова? Со татко ти многу се загриживме и насекаде те баравме“. 49 А тој им рече: „Зошто сте ме барале? Не знаевте ли дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ 50 Но тие не го разбраа тоа што им го кажа.
51 Потоа се врати со нив во Назарет и им беше* послушен. А мајка му внимателно ги чуваше сите овие зборови во своето срце. 52 А Исус растеше, напредуваше во мудроста и стекнуваше сѐ поголема наклоност од Бог и од луѓето.