Божествената светлина ја растерува темнината!
„Боже, ја осветлуваш мојата темнина“ (2. САМОИЛ 22:29).
1. Како е поврзана светлината со животот?
„БОГ рече: ‚Нека биде светлина!‘ И бидна светлина“ (Битие 1:3). Со овие значајни зборови, извештајот за создавањето во Битие го идентификува Јехова како извор на светлината, без која животот на Земјата би бил невозможен. Јехова е извор и на духовната светлина, која е животоважна за да нѐ води по патеката на животот (Псалм 43:3). Цар Давид ја покажал тесната врска меѓу духовната светлина и животот, кога напишал: „Со Твојата светлина ние ја гледаме светлината“ (Псалм 36:9).
2. Како што покажал Павле, со што е тесно поврзана светлината?
2 Околу 1.000 години по времето на Давид, апостол Павле се осврнал на извештајот за создавањето. Пишувајќи до христијанското собрание во Коринт, тој изјавил: „Бог е тој кој рекол: ‚Нека засветли светлината од темнината‘“. Потоа Павле покажал дека духовната светлина е тесно поврзана со спознанието од Јехова, кога додал: „Тој засветли врз нашите срца за да ги осветли со славното спознание за Бог преку лицето на Христос“ (2. Коринќаните 4:6). Како стигнува оваа светлина до нас?
Библијата — преносител на светлината
3. Каква светлина обезбедува Јехова преку Библијата?
3 Јехова ја пренесува духовната светлина првенствено преку својата инспирирана Реч, Библијата. Како што ја проучуваме Библијата и примаме спознание од Бог, дозволуваме неговата светлина да свети кон нас. Преку Библијата, Јехова фрла светлина врз своите намери и ни кажува како можеме да ја вршиме неговата волја. Ова му дава смисла на нашиот живот и ни помага да ги задоволиме своите духовни потреби (Проповедник 12:1; Матеј 5:3). Исус нагласил дека мораме да се грижиме за своите духовни потреби кога, цитирајќи го Мојсеевиот закон, рекол: „Напишано е: ‚Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста‘“ (Матеј 4:4; Второзаконие 8:3).
4. На кој начин Исус е „светлината на светот“?
4 Исус е тесно поврзан со духовната светлина. Навистина, тој зборувал за себеси како за „светлината на светот“ и рекол: „Кој ме следи мене, никако нема да оди во темнина, туку ќе ја поседува светлината на животот“ (Јован 8:12). Овој израз ни помага да ја разбереме суштествената улога што ја игра Исус во пренесувањето на Јеховината вистина до човештвото. За да ја избегнеме темнината и да одиме во Божјата светлина, мораме да слушаме сѐ што кажува Исус и тесно да го следиме неговиот пример и учењата запишани во Библијата.
5. Каква одговорност имале следбениците на Исус по неговата смрт?
5 Неколку дена пред својата смрт, повторно укажувајќи на себе како на светлина, Исус на своите ученици им рекол: „Уште малку светлината ќе биде меѓу вас. Одете додека ја имате светлината за да не ве надвие темнината; а кој оди во темнината, не знае каде оди. Додека ја имате светлината, практикувајте вера во светлината за да станете синови на светлината“ (Јован 12:35, 36). Оние што станале синови на светлината го научиле библискиот ‚образец на здрави зборови‘ (2. Тимотеј 1:13, 14). Потоа, тие здрави зборови ги користеле за да извлечат од темнината кон Божјата светлина и други поединци со искрени срца.
6. Која основна вистина за светлината и темнината ја наоѓаме во 1. Јованово 1:5?
6 Апостол Јован напишал: „Бог е светлина и . . . во обединетост со него нема никаква темнина“ (1. Јованово 1:5). Забележи го овде контрастот меѓу светлината и темнината. Духовната светлина потекнува од Јехова, а духовната темнина не може да се поврзе со него. Тогаш, кој е изворот на темнината?
Духовна темнина — изворот
7. Кој стои зад духовната темнина на светот, и какво влијание има тој?
7 Апостол Павле зборувал за „богот на овој систем на работи“. Со тој израз мислел на Сатана Ѓаволот. Понатаму рекол дека тој „им ги заслепил умовите на неверниците за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог“ (2. Коринќаните 4:4). Многумина тврдат дека веруваат во Бог; но сѐ поголем број од нив не веруваат во Ѓавол. Зошто? Тие не се спремни да прифатат дека некоја зла, натчовечка сила би можела да постои и да влијае врз нивниот начин на размислување. Сепак, како што покажува Павле, Ѓаволот постои и влијае врз луѓето така што не можат да ја видат светлината на вистината. Моќта на Сатана да влијае врз човечкото размислување се гледа во тоа што пророчки е опишан како оној „кој ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9). Како последица од Сатановите активности, состојбата што ја претскажал пророкот Исаија сега важи за целото човештво освен за оние што му служат на Јехова: „Еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите!“ (Исаија 60:2).
8. На кои начини оние што се наоѓаат во духовна темнина покажуваат дека се дезориентирани?
8 Во густа темнина не може да се види ништо. Човек лесно станува изгубен или дезориентиран. На сличен начин, на оние што се наоѓаат во духовна темнина им недостига согледување и набрзо стануваат дезориентирани во духовна смисла. Тие можат да ја изгубат способноста да ја разликуваат вистината од лагата, доброто од злото. Пророкот Исаија зборувал за оние што се наоѓаат во таква темнина кога напишал: „Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина, што горчливото го прават благо, а благото горчливо!“ (Исаија 5:20). Оние што живеат во духовна темнина се под влијание на богот на темнината, Сатана Ѓаволот, и поради тоа се отуѓени од изворот на светлината и животот (Ефешаните 4:17—19).
Од темнина во светлина — предизвикот
9. Објасни на кој начин престапниците чувствуваат привлечност кон темнината и во дословна и во духовна смисла.
9 Верниот Јов истакнал дека престапниците чувствуваат привлечност кон дословната темнина кога рекол: „Окото на прељубникот копнее за примрак: ‚Никој нема да ме види‘, вели тој и го прекрива своето лице со превез“ (Јов 24:15). Престапниците се наоѓаат и во духовна темнина, а таквата темнина може да ги совлада. Апостол Павле рекол дека сексуалниот неморал, крадењето, лакомоста, пијанството, срамното зборување и изнудувањето се вообичаени за оние што се фатени во замката на таквата темнина. Но, секој што доаѓа кон светлината на Божјата реч може да се промени. Од писмото на Павле до коринќаните јасно се гледа дека таква промена е можна. Многу коринтски христијани практикувале дела на темнината, па сепак Павле им рекол: „Но се исправте, но се осветивте, но прогласени сте за праведни во името на нашиот Господ Исус Христос и со духот на нашиот Бог“ (1. Коринќаните 6:9—11).
10, 11. а) Како покажал Исус обѕир кон еден човек кому му го вратил видот? б) Зошто многумина не ја избираат светлината?
10 Кога некој излегува од густа темнина на светлина, веројатно ќе му треба малку време за очите да му се привикнат. Во Витсаида, Исус излекувал еден слеп човек, но тоа го сторил љубезно, во етапи. „А тој го фати слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако му плукна на очите, ги положи рацете на него и почна да го прашува: ‚Гледаш ли нешто?‘ Човекот го крена погледот и рече: ‚Гледам луѓе, зашто забележувам нешто што личи на дрвја, но одат‘. Потоа пак ги положи рацете на очите на човекот, и човекот гледаше јасно, и оздраве, и сѐ гледаше јасно“ (Марко 8:23—25). Изгледа Исус постепено му го вратил видот на човекот, така што тој можел да се приспособи кон јаката сончева светлина. Можеме да си ја замислиме радоста на тој човек кога прогледал.
11 Меѓутоа, радоста на оние на кои им се помага да излезат, чекор по чекор, од духовната темнина во светлината на вистината ја надминува радоста што ја чувствувал тој човек. Кога ја гледаме нивната радост, можеби се прашуваме зошто уште повеќе луѓе не се привлечени кон светлината. Исус ја наведува причината: „Ова е основата за суд, дека светлината дојде во светот, но луѓето повеќе ја љубеа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто оној кој прави подли работи ја мрази светлината и не доаѓа кај светлината за да не бидат укорени неговите дела“ (Јован 3:19, 20). Да, многумина сакаат да прават „подли работи“ — како што се неморал, угнетување, лажење, мамење и крадење — а Сатановата духовна темнина е совршен амбиент за тоа.
Напредување во светлината
12. На кои начини извлекуваме корист од тоа што сме дошле на светлина?
12 Од времето кога сме дошле до спознание на светлината, какви промени сме виделе кај себеси? Добро е понекогаш да се осврнеме наназад и да го следиме духовниот напредок што сме го постигнале. Кои лоши навики сме ги отфрлиле? Кои проблеми во животот сме можеле да ги расчистиме? Како сме ги смениле нашите планови за иднината? Со Јеховината сила и со помошта на неговиот свет дух можеме и понатаму да правиме промени во нашата личност и во образецот на размислување кој ќе покаже дека реагираме на светлината (Ефешаните 4:23, 24). Павле го изложува тоа вака: „Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во поврзаност со Господ. Продолжете да одите како деца на светлината, зашто плодот на светлината се состои од секаков вид доброта и праведност и вистина“ (Ефешаните 5:8, 9). Тоа што дозволуваме да бидеме водени од Јеховината светлина, ни дава надеж и смисла, но им го збогатува животот и на оние околу нас. И колку само таквите промени го радуваат Јеховиното срце! (Пословици 27:11).
13. Како можеме да покажеме благодарност за Јеховината светлина, и што е потребно за еден таков правец?
13 Нашата благодарност за посреќниот живот што го уживаме ја покажуваме на тој начин што ја одразуваме Јеховината светлина — споделувајќи го она што сме го научиле од Библијата со членовите на нашето семејство, со пријателите и соседите (Матеј 5:12—16; 24:14). На оние што одбиваат да слушаат, нашето проповедање, како и нашиот примерен христијански начин на живот им станува прекор. Павле објаснува: „Уверувајте се што е прифатливо за Господ, и престанете да учествувате со нив во бесплодните дела кои ѝ припаѓаат на темнината, туку напротив, дури и прекорувајте ги“ (Ефешаните 5:10, 11). Помагањето на другите да излезат од темнината и да ја изберат светлината бара храброст од наша страна. Што е уште поважно, тоа бара сочувство и грижа за другите и искрена желба да ја споделиме со нив светлината на вистината на нивна вечна корист (Матеј 28:19, 20).
Внимавај на лажните светла!
14. Во однос на светлината, на кое предупредување треба да внимаваме?
14 На оние што се на море во часовите кога е темно, секоја светлина им е добредојдена глетка. Во минатото, на карпестите гребени во Англија биле палени огнови кои покажувале каде би можело да се најде прибежиште од бурите. Посадите на бродовите биле благодарни што биле водени од ваквите светла во сигурни засолништа. Но, некои огнови биле лажни. Наместо да најдат засолниште, многу бродови биле измамени и насукани на карпестото крајбрежје, при што им бил ограбен товарот. Во овој измамнички свет, мораме да внимаваме да не бидеме привлечени кон лажните светла што можат да нѐ намамат во духовен бродолом. Кажано е: „Сатана постојано се преобразува во ангел на светлината“. Исто така, неговите слуги, вклучувајќи ги и отпадниците, се „измамливи работници“ кои исто така „се преобразуваат во министри на праведноста“. Ако размислуваме за лажните резонирања на таквите, нашата доверба во Јеховината реч на вистината, Библијата, може да ослабне и нашата вера може да умре (2. Коринќаните 11:13—15; 1. Тимотеј 1:19).
15. Што ќе ни помогне да останеме на патот што води во живот?
15 Псалмистот напишал: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Псалм 119:105). Да, ‚тесниот пат што води во живот‘ е јасно осветлен од нашиот љубезен Бог, Јехова, „чија волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (Матеј 7:14; 1. Тимотеј 2:4). Применувањето на библиските прописи ќе нѐ сочува да не залутаме од тој тесен пат на патеките на темнината. Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност“ (2. Тимотеј 3:16). Како што духовно растеме, се поучуваме од Божјата реч. Можеме, во светлината на Божјата реч, да се укоруваме себеси или, ако е потребно, да бидеме укорени од љубезните пастири во собранието. На сличен начин, можеме да ги исправаме работите и понизно да прифаќаме дисциплина во праведност за да ги задржиме нозете на патот во живот.
Оди во светлината со ценење
16. На кој начин можеме да покажеме ценење за светлината како Јеховина прекрасна подготовка?
16 На кој начин можеме да покажеме ценење за светлината како Јеховина прекрасна подготовка? Јован, поглавје 9, ни кажува дека кога Исус излекувал еден човек што бил роден слеп, човекот бил поттикнат да го изрази своето ценење. Како? Положил вера во Исус како Син Божји и јавно го идентификувал како „пророк“. Освен тоа, смело проговорил против оние што се обиделе да го омаловажат Исусовото чудо (Јован 9:17, 30—34). Апостол Петар ги нарекува помазаните членови на христијанското собрание „народ за посебна сопственост“. Зошто? Затоа што го имаат истиот благодарен дух како и човекот што бил роден слеп и што бил излекуван. Тие покажуваат ценење за Јехова, својот Добротвор, со тоа што ‚ги објавуваат надалеку извонредностите на оној кој ги повикал од темнината во својата чудесна светлина‘ (1. Петрово 2:9; Колошаните 1:13). Оние со земна надеж го имаат истиот благодарен дух, и ги поддржуваат своите помазани браќа во јавното објавување на Јеховините ‚извонредности‘. Каква само непроценлива привилегија им дава Бог на несовршени луѓе!
17, 18. а) Каква одговорност има секој поединец? б) Имитирајќи го Тимотеј, што е охрабрен да избегнува секој христијанин?
17 Неопходно е да се има длабоко и искрено ценење за светлината на вистината. Запомни, ниеден од нас не се родил со знаење на вистината. Некои ја дознаваат како возрасни, и брзо увидуваат колку светлината е супериорна над темнината. Други ја имаат огромната привилегија да бидат одгледани од богобојазливи родители. За таквите може да е лесно да ја земат светлината како нешто само по себе разбирливо. Една жена Сведок, чии родители му служеле на Јехова уште пред таа да се роди, признава дека ѝ било потребно многу време и напор за да го сфати целосното значење и важноста на вистините за кои била поучувана уште од периодот на доење (2. Тимотеј 3:15). Сеедно дали сме млади или стари, сите ние треба да негуваме длабоко ценење за вистината што Јехова ни ја открил.
18 Младиот Тимотеј бил поучен за „светите списи“ уште од периодот на доење, но зрелоста како христијанин ја постигнал само со тоа што лично се напрегал во својата служба (2. Тимотеј 3:15). Тогаш бил во положба да му помага на апостол Павле, кој го поттикнал: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“. Нека сите ние, исто како Тимотеј, избегнуваме да правиме сѐ што би можело да нѐ наведе да се срамиме — или да предизвика Јехова да се срами од нас! (2. Тимотеј 2:15).
19. а) Исто како Давид, што имаме причина да речеме сите ние? б) За што ќе се дискутира во следната статија?
19 Ја имаме секоја причина да го фалиме Јехова, кој ни ја дал светлината на неговата вистина. Исто како цар Давид, велиме: „Господи, Ти ја запалуваш мојата светилка, Боже, ја осветлуваш мојата темнина“ (2. Самоил 22:29). Сепак, не смееме да станеме самозадоволни, бидејќи тоа може да предизвика да се лизнеме назад во темнината од која сме биле спасени. Затоа, следната статија ќе ни помогне да ја процениме важноста што ѝ ја придаваме на божествената вистина во нашиот живот.
Што научи?
• На кој начин обезбедува Јехова духовно просветлување?
• Каков предизвик наметнува духовната темнина што нѐ опкружува?
• Кои опасности мораме да ги избегнуваме?
• Како можеме да ја покажеме нашата благодарност за светлината на вистината?
[Слика на страница 8]
Јехова е извор на физичката и на духовната светлина
[Слика на страница 10]
Исто како што постепено излекувал еден слеп човек, така Исус нам ни помага да излеземе од духовната темнина
[Слика на страница 11]
Заведувањето од страна на Сатановите лажни светла има за последица духовен бродолом