Матеј
6 Внимавајте да не правите добро само за да ве видат луѓето. Инаку нема да добиете награда од својот Татко, кој е на небесата. 2 Затоа, кога им помагаш на сиромашните,* не труби пред себе, како што прават лицемерите во синагогите и по улиците за луѓето да ги фалат. Вистина ви велам, тоа е единствената награда што ќе ја добијат. 3 А ти, кога им помагаш на сиромашните, твојата лева рака нека не знае што прави твојата десна рака, 4 за доброто што го правиш да остане во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа сѐ,* ќе те награди.
5 Така, и кога се молите, не бидете како лицемерите. Зашто, тие сакаат да се молат стоејќи во синагогите и на големите раскрсници за луѓето да ги видат. Вистина ви велам, тоа е единствената награда што ќе ја добијат. 6 А ти, кога се молиш, влези во својата соба и затвори ја вратата, па помоли му се на својот небесен Татко. Тогаш твојот Татко, кој гледа сѐ,* ќе те награди. 7 Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот. Тие мислат дека Бог ќе ги слушне затоа што користат многу зборови. 8 Не бидете како нив, зашто вашиот Татко знае што ви треба уште пред да побарате нешто од него.
9 Значи, молете се вака:
’Татко наш,* кој си на небесата, нека се свети* името твое. 10 Нека дојде Царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата. 11 Дај ни го денес лебот за овој ден 12 и прости ни ги нашите гревови,* како што и ние им простуваме на оние што ни грешат нам.* 13 И не дозволувај да подлегнеме на искушение,* туку спаси нѐ од Злобниот‘.
14 Зашто, ако вие им простувате на луѓето кои ви грешат, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам. 15 Но, ако вие не им простувате на луѓето кои ви грешат, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите гревови.
16 Кога постите, немојте да имате* жалосен израз на лицето како лицемерите, зашто тие сакаат да остават впечаток дека се тажни* само за луѓето да ги видат дека постат. Вистина ви велам, тоа е единствената награда што ќе ја добијат. 17 А ти, кога постиш, стави си масло на главата и измиј си го лицето, 18 за да не видат луѓето дека постиш, туку само твојот небесен Татко. Тогаш твојот Татко, кој гледа сѐ,* ќе те награди.
19 Престанете да собирате богатство на земјата, каде што молци и ’рѓа можат да го нагризат и каде што крадци можат да провалат и да го украдат. 20 Наместо тоа, собирајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа не можат да го нагризат ниту крадци да провалат и да го украдат. 21 Зашто, каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето.
22 Светилка на телото е окото. Значи, ако окото ти е сконцентрирано само на една работа,* целото тело ќе ти биде светло.* 23 Но, ако окото ти е завидливо,* целото тело ќе ти биде темно. Ако светлината што е во тебе, всушност, е темнина, тогаш колку е само голема таа темнина!
24 Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството.
25 Затоа ви велам: повеќе не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете. Зарем не вреди животот повеќе од храната и телото повеќе од облеката? 26 Погледнете ги птиците! Тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем не вредите вие повеќе од нив? 27 Кој од вас може со тоа што ќе биде загрижен да си го продолжи животот макар малку?* 28 И зошто сте загрижени за облеката? Погледнете ги цвеќињата кои растат во полето! Ниту се мачат ниту предат, 29 но ви велам дека дури ни Соломон, во сиот свој раскош, не беше облечен како едно од нив. 30 А, ако Бог така ги облекува растенијата во полето, кои денес се тука, а утре се фрлаат во печка, нема ли многу повеќе да се погрижи вие да имате облека? Толку ли ви е слаба верата? 31 Затоа, немојте да бидете загрижени и да велите: ’Што ќе јадеме?‘ или ’Што ќе пиеме?‘ или ’Што ќе облечеме?‘ 32 Зашто, со сите овие работи се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се потребни.
33 Затоа, секогаш ставајте ги Царството и Божјите праведни мерила* на прво место во својот живот, и Бог ќе ви ги даде сите тие работи. 34 И така, не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. Секој ден си има доволно свои проблеми.